Илија Спасески, еден од обвинетите за претепувањето на Христијан Пендиков, денеска пред судот во Охрид се изјасни за невин за делото кое му се става на товар нему и на уште едно лице – напад од омраза со тешки повреди.
– Јасно ми е обвинението, но не се чувствувам за виновен, рече Спасески на второто рочиште од судскиот процес во Основниот суд во Охрид кој го води судијата Бојан Мартиноски.
Неговиот адвокат Димитрија Цобоски рече дека обвинетиот Илија Спасески бил мирно момче кое работи како професор во училиште и учествува во образовен процес и дека досега не е осудуван и против него не се води постапка.
Одбраната на Спасески се произнесе дека за нив не е неопходно присуство на Пендиков во Судот за да продолжи судската постапка.
Застапникот на обвинението рече дека оштетениот Христијан Пендиков не присуствува затоа што треба да се направат дополнителни испитувања, а обвинителство се надева дека наскоро тој ќе се појави.
Објаснувајќи го во детали инцидентот, јавниот обвинител рече дека ќе докаже дека охриѓанецот Пендиков бил претепан од обвинетиот Спасески и неговиот пријател поради тоа што се чувствувал Бугарин. Обвинетите се товарат дека го претепале секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков, вечерта на 19 јануари во центарот на Охрид на паркинг близу угостителски објект, на што му претходела вербална расправија.
Обвинетиот Спасески беше уапсен неколку дена по нападот врз Пендиков. На 22 февруари Спасески беше пуштен од притвор, а истиот ден беше приведен вториот напаѓач, битолчанецот Б.А. Судот привремено му го одзеде пасошот на Спасески за да не може да ја напушти државата.