Машинскиот и помошниот персонал во Железници на РСМ Транспорт, којшто е во бојкот со прекин на железничкиот сообраќај веќе 12 дена, денеска очекува исплата на вториот дел од платата за февруари.
Тони Димовски, претседател на Синдикат на машиновозачи и претставник на машинскиот и извршниот персонал, за МИА изјави дека вчера имале средба со раководството на железничкото претпријатие и оти им било речено дека ќе има исплата до 15 часот.
Од почетокот на бојкотот на 31-ви минатиот месец во 12 часот досега, потсетува, не сообраќаат ниту патничките ниту товарните возови.
– До вчера требаше да се исплатат и патните трошоци за март, но тоа не се случи – изјави Димовски, појаснувајќи дека бојкотот е организиран самоиницијативно и оти машинскиот и помошниот персонал е на работа, но не ги извршува работните задачи.
Во барањата на машиновозачите е и зголемување на вредноста на бодот за 30 проценти, исплата на ноќна работа за кондуктерите, како и вработување на 40 машиновозачи за што, како што велат, уште во февруари испратиле барање до министерствата за транспрот и врски, и за финансии и до Владата.