Синдикатот на УЈП најавува генерален штрајк за една недела – што би значело неисполнување на ниту една обврска. Сите плати во државата се исплаќаат преку Управата за јавни приходи, сите налози на фирмите одат преку неа, како и собирањето пари од даноци, акцизи, придонеси, објави ТВ Сител.
Ако не се зголемат платите за 30%, Синдикатот со последно предупредување – ќе има блокада на целиот систем во државата.
– Околу 27, два дена плус или после 27, тоа не е важно. Важно е дека ако стапиме во Генерален штрајк ќе има целосен застој во функционирањето, односно нема да се извршува ниту една функција. Се што е поврзано за права и обврски на секторот и физички лица, а треба да го спроведува УЈП, ќе биде оневозможено и ќе дојдеме до поголеми состојби на нарушување на поголеми состојби на општеството во целина. Сите кои ќе сакаат да се постапи по нивни барања и други обврски, нема да се извршуваат затоа што вработените нема да ги исполнат обврските ако дојдеме до генерален штрајк – изјави Васе Неданоски, претседател на Синдикат на УЈП
Од Министерство за финансии молк. Нема информација дали остануваат на стариот став – нов колективен договор за цела администрација или ќе се најдат пари за покачување на платите во УЈП и царина.
Наместо да бараат повисоки плати, да се провери имотот на вработените, побара премиерот Ковачевски. На тој начин смета дека ќе се зголеми транспарентноста и општествениот кредибилитет на институцијата.
– Мислам дека ако тоа се примени во Царина, ќе се зголеми нивната транспарентност, ќе добијат на тежина и на општествен кредибилитет, бидејќи ако некој нема што да крие, нема ни потреба да не поддржи еден таков процес – изјави денеска Ковачевски.
Од опозицијата возвратија – прво да се провери имотот на политичарите, а не на ваков начин премиерот да им се заканува на вработените.