Вработените во обвинителствата и судовите од 27 септември излегуваат на штрајк незадоволни од разликите на платите меѓу нив и избраните лица. Тие бараат да се зголемат нивните плати исто како и на функционерите за 78% и да се исплаќаат редовно додатоците на плати кои не се исплаќаат подолг период.
Синдикатот на УПОЗ во чиј состав се овие вработени најави дека штрајковите ќе се реализираат се до исполнување на барањата, а во тој период ќе се работат само итните случаи. Станува збор за 2.500 вработени во обвинителствата и судовите кои имаат просек на плата од 25.000 денари.
– Разликата на платите сега во обвинителствата и судовите порасна од 1:2 или 3 работник – избран раководител, на 1: 6 или 7 што е многу. Незадоволството кај вработените во јавните обвинителства и судовите е големо. Министерството за правда и судовите не прифаќаат преговори и ние одлучивме да штрајкуваме. На 27 септември први излегуваат вработените во обвинителствата, а на 29 ќе им се придружат и вработените во судовите. Барањата се исти зголемување на платите од најмалку 30 отсто до најмногу 78 отсто и редовна исплата на додатоците на плати. Ќе се штрајкува до исполнување на барањата – информира претседателот на синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски.
Тој информира и дека Синдикатот на УПОЗ испрати амандман на ребалансот на буџетот со тоа што ќе се зголеми износот на пари наменети за плати според бараното зголемување од најмалку 30 до најмногу 78%.
Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов рече дека подолг период има незадоволство кај работниците во јавниот сектор.
– За време на преговорите за зголемување на платите ние кажавме дека за вработените зголемувањето на платите од 10% е мало, а високо е зголемувањето на платите на избраните раководители и функционери, но не бевме послушани и ни беше понудено зголемување од 10% со одложено дејство. Ние и тогаш и сега велиме дека ќе имаме жешка есен и тоа ќе се случува – вели Трендафилов.
Денеска во Собранието почнува расправата по имените на законот со кои се зголемуваат платите во јавниот сектор за 10%.
-Денеска ние бараме пратениците да не политизираат и да ги донесат овие измени.- рече Трендафилов.
Тој информира дека имаат информации од вработени во јавниот сектор дека раководителите не презеле никакви подготовки за зголемување на платите. тие треба да го применат општиот колективен договор за јавен сектор и да го применат зголемувањето од 10% – рече Трендафилов.
Тој рече дека вработените во јавниот сектор не се задоволни од зголемувањето.
– Денеска пред влада протестираат вработените во „Водостопанство“, а веќе наредната недела ќе почнат и другите штракови- рече Трендафилов.