Вработените во „Еуроникел Индустри“ и натаму одат на работа, но не знаат што ќе се случува со компанијата во иднина. Тие немаат информација дали од следниот месец ќе останат на работа, бидејќи, како што велат, никој не ги информира што се случува со компанијата.
– Сите сме на работните места, но речиси и да не работиме, бидејќи печката е на топло одржување. Септемвриската плата ни ја исплатија по протестите. Има најава дека ќе ја добиеме и октомвриската, а што понатаму не знаеме. Само се шушка дека ќе има некаква разрешница на ситуацијата, но ништо не се случува. Раководството наместо да каже што се случува многу ретко е во фабриката, а ние слушаме само шпекулации дека се планира продажба на фабриката – вели претседателот на Синдикатот на компанијата Миле Ѓорѓиев.
И од Синдикатот на индустријата, енергетиката и рударството (СИЕР) велат дека сите контакти со раководството кое ретко е на работните места се сведуваат на некакви најави и ветувања.
– Состојбата е непроменета од последните протести кои ги имавме во фабриката иако имаме средби со раководството. Платата како што најавија ја исплатија и ја оставија вклучена печката, што е сигнал дека се планира продолжување на производството. Ни велат дека ќе продолжат со работа, ги чуваат сите 800 вработени, но ништо повеќе од тоа – вели претседателот на СИЕР Игор Герасов.
Од компанијата не контактираат со медиумите, па целокупната состојба околу оваа компанија се сведува на шпекулации дека сопствениците имаат нерешени меѓусебни проблеми и дека сакаат да ја продадат компанијата.
Во средината на октомври компанијата преку соопштение информира дека влегува во процес на одржување на производството.
„Платите на вработените се исплатени, клучниот клиент предизвикува доцнење. ‘ArrowMetals & Trading’, главниот снабдувач на руда и фероникел клиент на Еуроникел ги одложи плаќањата, ги намали или целосно ги измени нарачките без претходна најава. Не ни е јасно дали тоа е затоа што ‘ArrowMetals се наоѓа во тешка финансиска состојба или пак целта е да го купи Еуроникел за многу помала вредност“, соопшти компанијата.
Состојбата во „Еуроникел Индустри“ се актуализира последниве месеци откако вработените протестираа за спас на компанијата и побараа да им се исплатат платите.