Поради намалување на оперативните трошоци, шведскиот производител на автомобили ќе го намали бројот на вработени во канцелариите.
Иако ентузијазмот на Volvo Cars Group за поголема ефикасност почна да ги покажува првите резултати, извршниот директор Џим Роуан е убеден дека треба да се направи повеќе.
Поради тоа, шведскиот производител на автомобили ќе отпушти околу 1.300 вработени кои работат во канцелариите во Шведска поради намалување на трошоците, пренесува Ројтерс.
„Економските бариери, повисоките цени на влезните материјали и зголемената конкуренција веројатно ќе останат предизвик за нашата индустрија уште некое време“, објасни Роуан.
Околу 1.100 работни места ќе бидат укинати од Volvo Personvagnar, централната глобална деловна единица на Volvo Cars Group, додека другите 200 работни места ќе бидат утврдени по преглед на други субјекти низ Шведска.
Во Шведска е и седиштето на Volvo Cars Group, која од 2010 година е во сопственост на кинескиот производител на автомобили Geely.