More

    Воената кампања на Израел во Газа експертите ја сметаат за најразорната во историјата

    spot_img

    Воената кампања на Израел во Појасот Газа сега е меѓу најсмртоносните и најразорните во историјата, според експертите цитирани од Асошиејтед прес.

    За нешто повеќе од два месеци од офанзивата, уништувањето на таа мала палестинска територија е поголемо отколку во сирискиот град Алепо од 2012 до 2016 година и во украинскиот Мариупол, или пропорционално со сојузничкото бомбардирање на Германија во Втората светска војна.

    Убиени се повеќе цивили отколку во тригодишната кампања предводена од САД против терористичката организација Исламска држава.

    Израелската армија не кажува многу за видовите бомби и артилериската муниција што ги користи во Газа, но судејќи по фрагментите пронајдени на местото на експлозиите и врз основа на анализата на снимката од нападите, експертите се убедени дека повеќето од бомбите фрлени врз опколената енклава беа американско производство.

    Тие велат дека се користат и бункер-бомби од 900 килограми, при што загинаа стотици луѓе во густо населените области.

    Користењето на такви бомби на отворено значи моментална смрт за секој оддалечен до 30 метри, а смртоносните делови може да се најдат и до 365 метри.

    Бројот на убиени Палестинци од почетокот на војната на 7 октомври надмина 20.000 и меѓународната заедница повикува на прекин на огнот, но Израел најави дека ќе ја продолжи кампањата додека не ги уништи воените капацитети на Хамас.

    Палестинските екстремисти предводени од исламскиот Хамас убија повеќе од 1.200 луѓе и зедоа 240 заложници во прекуграничен напад што ја предизвика војната.

    Во израелската офанзива беа уништени две третини од сите згради на северот на Газа и четвртина од зградите на југ во областа Кан Јунис, беше заклучено врз основа на анализата на сателитски податоци.

    Процентот на оштетени згради, вклучително и десетици илјади домови, училишта, болници, џамии и продавници во Кан Јунис, е речиси двојно зголемен во првите две недели од офанзивата на југот.

    Набљудувачите на ОН соопштија дека 70 отсто од училиштата низ Газа биле оштетени, вклучително и најмалку 56 кои служеле како засолништа за раселените цивили.

    Во израелските напади беа оштетени 110 џамии и три цркви.

    Израел смета дека Хамас е одговорен за големиот број цивилни жртви бидејќи, како што тврди, тие служат како жив штит.

    Од 1942 до 1945 година, сојузниците нападнаа 51 германска населба, уништувајќи 40 до 50 отсто од нивната урбана област, изјави Роберт Пејп, американски воен историчар.

    Тој наведува дека тоа е во просек 10 отсто од зградите во Германија наспроти 33 отсто од зградите во Газа, територија од само 360 квадратни километри со 2,3 милиони жители.

    „Газа е една од најинтензивните казнени кампањи во историјата“, рече Пејп.

    Во деветмесечната битка во 2017 година против Исламската држава во ирачкиот град Мосул, загинаа околу 10.000 цивили, од кои една третина во бомбардирањето на коалициските сили, судејќи според резултатите од анализата на АП.

    Од 2014 до 2017 година, во кампањата против Исламска држава во Ирак беа забележани речиси 15.000 напади низ целата земја, а израелската војска минатата недела соопшти дека извршила 22.000 напади.

    Израел има две цели, да го уништи Хамас и да ги ослободи 129-те заложници кои сè уште ги држат екстремистите во Газа.

    По 11 недели војна, Израел тврди дека многу локации на Хамас, стотици влезови во тунели и околу 7.000 борци се убиени од околу 30.000 до 40.000.

    Израелските лидери велат дека интензивниот воен притисок е единствениот начин да се ослободат повеќе заложници, но семејствата се загрижени дека бомбардирањето ги става во опасност.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img