Во земјава недостигаат 340 пожарникари, а противпожарните возила што ги користат се просечно стари по 27 години. Покажуваат податоците од посленото истражувања на Центарот за граќански комуникациипорака.
Според истражувањето 34 противпожарни единици колку што има во земјава имаат вкупно 284 возила, од оние што гаснат пожар до цистерни за вода и возила за превезување на пожарникарите и опремата. Половина од нив се постари од 30 години, додека само 15 % од возилата се стари до 10 години.
„Во последните три години се набавени дополнителни 65 возила, но и тие се со просечна старост од 17 години“, се вели во Истражувањето.
Најстари возила со просечна старост од 39 години, има новоформираната противпожарна единица во Старо Нагоричане. Следно, со просечно стари возила од 38 години е Кратово, а 36 години просечна старост имаат возилата на валандовската противпожарна едница.
Најнов возен парк имаат противпожарните единици во Велес и Штип, чии возила се просечно стари по 12 години.
Интересен е фактот дека најстарото противпожарно возило има 57 години – е камионот ТАМ од 1966 година, а го употребува валандовската единица. Следат четири возила, само по една година помлади, произведени во 1967 година и тоа: два мерцедеси на Македонска Каменица и Битола, и по еден ТАМ и ФАП на Крива Паланка и Демир Хисар.
Од марките возила, најзастапени се камионите ФАП од кои има дури 50 возила, просечно стари 39 години, а следни се 28 Лади Нива, просечно стари 23 години.
Во земјава сè уште недостигаат 340 пожарникари, иако последниот попис на населението покажа значително помалку жители со што се намали и законски потребниот број пожарникари по жител.
Помалку од законски предвидениот минимален број пожарникари има во 16 од 34-те противпожарни едници во земјава.
Најмногу пожарникари, повеќе од 200, му недостигаат на главниот град Скопје. Скопската единица има 190, а треба да има 405 пожарникари. Следни се Куманово – каде има 33 пожарникари помалку отколку што пропишува законот, Битола, со 21 пожарникар помалку и Тетово кому му недостигаат 17 пожарникари.
Спротивно, најдобро стои Ресен со дури 6 пожарникари над законски определениот број, и неколку општини кои имаат по 4 пожарникари повеќе од минимумот: Гостивар, Струга, Кичево и Делчево.