Земјата што е пронајдена на гумите на возилото рено кангу не е истата со земјата каде што е пронајдено телото на убиената Вања Ѓорчевска. И земјата што е пронајдена на лопатата што е дел од доказите, не е истата со земјата земена од месноста Дупки во реонот на селото Бразда каде што на 27.11.2023 година е убиено 14-годишното девојче, рече обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска на денешното рочиште за убиствата на 14-годишната Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски.
На ова се надоврза првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо, кој дополни и дека вештачењето трагите од пневматици на местото на настанот покажува дека возилото рено кангу не ги причинило трагите.
На денешното судење Обвинителството ги изнесуваше доказите на начин што читаше на што се однесуваат и даваше краток коментар на оние докази што се од важност за процесот. Обвинителката изнесе извештаи, записници за одземени предмети, вештачења на траги и на телефонски разговори, докази за имотната состојба на обвинетите и на жртвите, форензиски вештачења, извештаи од идентификација на телата на убиените, записници од увидите на полицијата, анализа на траги од ДНК итн, вештачења на запалениот цитроен на убиениот Жежовски и на возилото рено кангу кое го возеле обвинетите.
– За цитроент е утврдено постење на идентификациски број на возилото. Извршен е преглед на возилото со цел да се откријат промени во смисла на вградување на бункери, но поради интензивно горење на возилото тоа не е можно да се утврди. На подот се пронајдени опожарени остатоци од мобилен телефон, а на задното седиште врзок од 7 опожарени клучеви – рече обвинителката.
Во возилото рено кангу, кое го користела партијата Десна и кое учествувало во грабнувањето и убиствата нема биолошки траги и отпечатоци од првообвинетиот Палевски.
– Според извештајот од форензичките испитувања од 10.12.2023 година за биолошки траги во рено кангу, подигнати се поголем број на траги, а тие што се иднетификувани се следните: траги на завршен дел, отпушок од цигара, во пепелник позади менувач кои се од Влатко Кешишев, траги од отпушок на цигара од Боре Видевски и траги од устинка од шише, од Велибор Манев. Има и отпечатоци од прсти кои се од непознато лице, како и од лица кои не се од интерес за постапката – рече обвинителката.