Во текот на летната сезона во 2023 година, „Ер Србија” ќе лета до Охрид и до 22 нови дестинации до кои не леташе во летната сезона годинава, јави дописникот на МИА од Белград.
„Од 4 јуни следната година националната авиокомпанија ќе почне да лета за Краков, а само еден ден подоцна, на 5 јуни 2023 година, за Охрид и Варна. Авиобилетите за овие нови дестинации се веќе пуштени во продажба. Билетите за Охрид се достапни по цена почнувајќи од 49 евра. Ер Србија ќе лета четири пати неделно до новите дестинации во Полска, Бугарија и Северна Македонија“, соопштија од „Ер Србија”.
Заедно со Краков, Охрид и Варна ќе има вкупно 22 нови града до кои патниците ќе можат да патуваат со „Ер Србија”.
– Горди сме на фактот дека, вклучително и со чартер – дестинациите, во претстојната летна сезона се приближуваме до бројката од речиси 100 дестинации во нашата растечка мрежа – изјави Бошко Рупиќ, директор за комерцијала и стратегија на „Ер Србија”.
Од Охрид преку Белград патниците ќе имаат можност за поврзаност со голем број дестинации од мрежата на „Ер Србија”.