Во Србија од денеска е забранета употребата на 113 средства за заштита на растенијата, што е дел од усогласувањето со прописите во рамките на Европската унија, јави Радио-телевизија на Србија.
Препаратите се повлечени бидејќи содржат 17 активни супстанци кои неодамна беа забранети во Европската унија, а кои од денеска веќе не можат да се користат ниту во Србија, бидејќи домашната регулатива е речиси целосно усогласена со европската.
Списокот на забранети препарати се наоѓа на веб-страницата на Министерството за земјоделство, а директорот на Управата за заштита на растенијата, Небојша Милосављевиќ изјави дека тие биле забранети пред 18 месеци, но бил даден период да се потрошат. тој период завршува денеска.
Тој посочи дека преостанатото количество залихи треба да се одложи согласно законот, односно да се предаде на оној кој е задолжен за собирање на тој отпад, кој потоа преминува на безбедно уништување.
За четири години се забранети 50 активни супстанции, а предвидени се и казни за нивна употреба.