Во Србија дојавите за поставени бомби речиси станаа секојдневие. Аеродромот „Константин Велики“ и по два трговски центри во Ниш и во Нови Сад вчера преку интернет беа предупредени за поставени експлозивни направи.
По добиените дојави полицијата излезе на терен, а четирите трговски центри беа евакуирани.
До аеродромот во Ниш и на 16 мај стигна лажна дојава за поставена бомба, додека трговскиот центар „Делта“ лажно беше алармиран на 21 април.
Дојавите за поставена бомба во трговските центри во Нови Сад, „Меркатор“ и „Променада“ исто така беа лажни.
Изминатите два месеца Србија е на мета на лажни дојави за поставени бомби. Дојавите најчесто пристигнуваат до трговските центри, ресторани и училишта, железнички станици, мостови и други локации. Дојава за поставена бомба беше испратена и до Зоолошката градина во Белград.
На 16 мај 97 српски основни и средни училишта добија лажни дојави за поставени бомби.
Претходно, српскиот министер за внатрешни работи Александар Вулин изјави дека „против Србија се води специјална војна и дека целта на сите напади е Србија да престане да води независна политика и да носи одлуки под притисок и страв“. Додека српското Обвинителството за организиран криминал најави дека дојавите ќе бидат окарактеризирани како терористички акт.
Од почетокот на руската инвазија врз Украина, лажни дојави за поставени бомби се регистрирани и во Хрватска, во БиХ и во Косово.