Во Софија по три часа заврши состанокот на кој коалициските партнери од власта разговараа за бугарската позиција во однос на Македонија. По завршувањето на состанокот шефицата на кабинетот на Кирил Петков, Лена Бориславова се обрати пред медиумите.
– Во однос на РСМ темата е многу важна за целото бугарско општество како и за бугарската позиција. Коалицијата имаше многу конструктивен дијалог за темата, се согласивме дека за нас најважно е да има целосна согласност за темата, а се потврди и дека ветувањето кое сме го дале целата коалиција дека таа тема задолжително ќе помине преку Народното собрание, а дотогаш ќе оставиме дипломатите во Министерствата за надворешни работи да ја продолжат својата работа, тие и во моментов активно работат и се обидуваат да ги заштитат на најдобар начин бугарските интереси, како и позицијата на целата коалиција -рече Бориславова.
Состанокот во Советот на министри вечерва се одржа по повикот на премиерот Кирил Петков за свикување на Советодавниот совет за национална безбедност за состојбата на преговорите соСкопје.
Бугарскиот претседател Румен Радев претходно денеска, коментирајќи го состанокот на коалициските партнери од Владата, рече дека состаноците не се толку важни, но резултатите се важни и дека очекува Коалицискиот совет вечерва да ги следи постигнатите со консензус ставови и предлози од Советодавниот совет за национална безбедност, да го брани бугарскиот интерес и да ги почитува критериумите за членство од Копехаген што се базираат многу прецизно за човековите права и недискриминацијата.