Класифицираните информации отсега ќе се читаат во „глувата соба“ во Собранието, која е единствена во земјата. Заштитената соба денеска беше пуштена во употреба. Дизајнирана е со највисоко ниво на заштита за строго доверливи документи.
Просторијата првенствено ќе ја користи Собранието и собраниските комисии кои работат со класифицирани информации, но во исто време, со одобрување на Собранието, таа ќе може да се отстапи за користење и на останатите државни органи доколку имаат потреба.
Просторијата, како што истакна претседателот на Собранието Африм Гаши, ги исполнува сите стандарди за аудио и антирадијација и е опремена да гарантира безбедност на класифицирани информации, придржувајќи се до највисоките ТЕМПЕСТ стандарди за заштита од радијација.
Заштитената соба е дел од широк повеќегодишен проект што го финансираат Велика Британија, Шведска, Швајцарија, ЕУ и Холандија, а импелементатор е ДИКАФ.
– Заштитена, тивка или глува соба се некои од имињата кои ја означуваат оваа просторија, која е изградена на начин што во неа или од неа не продираат електромагнетни бранови – рече Гаши.
Тој потсети дека уште во 2017 година пратениците и од власта и од опозицијата се договорија дека ваква соба е повеќе од потребно да се изгради во Собранието, како дел од пакетот мерки за подобар надзор над тајните служби.
– Заштитената соба ја унапредува надзорната улога на Собранието, на која сме особено фокусирани од почетокот на нашиот мандат. Заштитена соба не е сувопарно барање кое произлегува од меморандумот за разбирање со ДИКАФ, таа е барање на НАТО. Оттука, процесот за нејзината изградба, набавката на опрема и операционализирањето беа особено комплексни. Ми претставува особено задоволство да подвлечам дека моите претходници, пратениците од предходните парламентарни состави, заедно со службите и партнерите истрааја во заложбата да се изгради оваа соба според највисоките НАТО стандарди, со почитување на особено комплицирана тендерска постапка и примена на стандарди кои се во согласност со стандардите на НАТО – рече претседателот на Собранието Африм Гаши.
Заштитената просторија и заштитениот работен простор се дизајнирани да ги задоволат строгите безбедносни барања поставени од НАТО и од Европската Унија, што вклучува интегрирање на технолошки заштитни мерки. Физичкиот простор е изграден од материјали кои спречуваат неовластено следење и прислушување, обезбедувајќи комуникациите да останат доверливи и заштитени од надворешни закани. Проектот ги вклучува најдобрите практики на управување со безбедносниот сектор и обезбедува приспособливост на идниот напредок во надзорот над безбедноста и разузнавањето.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски истакна дека со изградбата и пуштењето во употреба на заштитената соба се заокружува скоро седумгодишен труд, напор и заложби да се зајакнат капацитетите на Собранието за вршење на парламентарниот надзор врз безбедносните служби.
– Се создаде безбедна средина и заштитен работен простор каде што ќе се ракува со класифицирани информации со најголем степен на доверливост, без ризик од протекување информации или неовластен пристап – рече Мицевски.
Евроатлантската интеграција на нашата земја, според него, подразбира и темелни реформи во безбедносно разузнавачкиот сектор во институциите кои вршат надзор и контрола, што подразбира и зајакнување на капацитетите за надзор на Собранието.
– Изградбата на собата треба да создаде услови за остварување на ефективен парламентарен надзор над безбедносните служби – рече Мицевски.
Оливер Спасовски, координатор на пратеничката група на СДСМ и поранешен министер за внатрешни работи истакна дека со овој проект се зајакна сериозно капацитетот на Собранието, не само од безбедносен аспект, туку се создаде аспект кој значително ќе ја подобри парламентарната контрола на безбедносните служби и на процесот на следење на комуникациите.
– Покажавме дека членството во НАТО знае да мотивира, доополнително, преку јакнење на капацитетите знаеме да бидеме добри и релевантни фактори. Ова е процес кој допринесе заеднички да покажеме дека за нас е важно да ги градиме демократски институции во државата и на тој начин да обезбедиме простор и можност за зачувување на човековите слободи и права – истакна Спасовски.