Само во последните две децении на љубљанскиот Филозофски факултет се одбранети повеќе од 80 дипломски и магистерски трудови од областа на македонскиот јазик и книжевност, а три од нив се наградени со Прешерновата награда за најдобри дипломски и магистерски трудови на Факултетот. Во завршна фаза е и нова докторска теза, која е посветена на заемната рецепција на македонската и словенечката книжевност за деца и млади.
– Добро е да се негува македонистиката во Љубљана и на другите странски универзитети. Со негувањето на македонистиката и надвор од матичните македонски институции се отвораат поинакви перспективи, погледи кон македонскиот јазик, литература и култура, пред сѐ, во вид на споредбени анализи кои придонесуваат кон меѓусебно (за)познавање, но и кон подобро познавање на себе – истакна проф. д-р Намита Субиото, која изминативе дваесет години ја води љубљанската Катедра за македонски јазик и книжевност, во своето најново излагање по повод 60 години од поставувањето на темелите на македонистиката на љубљанскиот факултет.
Во изминатите години, интересот за македонската книжевност за деца е зголемен и со студентите на љубљанската Катедра за македонски јазик и книжевност веќе се подготвува двојазичен избор на македонска поезија за деца. Овој избор ќе биде шеста книга објавена последниве години како резултат на посветеноста на книжевниот превод од македонски на словенечки јазик.
Проф. д-р Субиото напомена дека покрај тоа што сериозно студираат, студентите-македонисти учествуваат и во преведувачки проекти, на научни конференции, настапуваат на културни манифестации и известуваат за македонистички теми во медиумите. За остварувањето на ваквите активности и за посветеноста на македонистиката воопшто, исклучително важна е и соработката со Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), особено преку учеството на словенечки студенти и истражувачи на летните и зимските школи, како и континуираното учество на словенечки истражувачи на Меѓународната научна конференција на МСМЈЛК, којашто за странските македонисти е поттик и за продлабочени проучувања во сферата на македонистиката. Само годинава, на претстојната 55. Летна школа на МСМЈЛК се очекува учество на шест семинаристи од Словенија.
– Студентите ги интересираат различни сегменти од македонската граматика, пред сѐ, балканските (несловенски) карактеристики, ги интересираат знаците на традиција и историја инкорпорирани во современата литература и култура, ги интригираат преведувачки постапки на релација македонски-словенечки и обратно – нагласи Субиото, осврнувајќи се и на темите на дипломските и магистерските работи од сферата на македонистиката одбранети на љубљанскиот Филозофски факултет.
За големиот интерес за книжевен превод од македонски на словенечки јазик придонесоа и курсевите коишто МСМЈЛК ги организираше во рамките на своите школи изминатите години, особено курсот по превод и курсот по литература. Последните неколку години, во рамките на курсот по литература беше опфатена и македонската книжевност за деца, што меѓу другото резултираше и со зголемен интерес за неа на странските образовни и научни центри.
– Се радувам кога знаењето на студентите-македонисти и нивната посветеност кон македонистиката се забележани и во Македонија – истакна таа.