Директорката на Институтот за јавно здравје на Србија „Д-р Милан Јовановиќ Батут“ Верица Јовановиќ изјави дека од 6 октомври до денеска околу 80.000 луѓе примиле вакцина против грип и додаде дека се потребни две до три недели по вакцинацијата за да се развие имунитет на организмот. .
Таа за весникот „Вечерње новости“ изјави дека се препорачува да се вакцинираат лицата над 65 години и хроничните пациенти, а годинава се користи тривалентна вакцина произведена од белградскиот институт „Торлак“.
„Очекуваме дека ќе продолжи сегашниот интензитет на вакцинација. За да се развие имунитет против грип по примањето на вакцината потребни се две до три недели, така што сега е вистинското време да се прими вакцината“, рече Јовановиќ.
Таа апелираше до родителите кои се уште не ги вакцинирале децата против сипаници да го сторат тоа бидејќи од почетокот на годинава се евидентирани 434 случаи на заболени.
„Тоа не е добро, бидејќи постои вакцина која ги спречува малите сипаници. Во септември се евидентирани 86 заболени, а во 99 отсто од случаите се работи за невакцинирани деца“, додаде директорот на „Батута“.