Во Њујорк денеска е прогласена вонредна состојба откако голем дел од областа беше поплавена поради невремето. Поради надојдената вода затворено е метрото и еден терминал на аеродромот ЛаГвардија, а поголем број од патиштата се под вода.
– Оваа бура е опасна по живот. Прогласувам вонредна состојба во Њујорк, Лонг Ајленд и долината Хадсон. Сметајте на ова во следните 20 часа – изјави гувернерката на Њујорк, Кети Хочул.
Властите издадоа предупредување за поплави во Менхетен, Бруклин и Квинс.
Во некои области во текот на ноќта паднаа и до 13 сантиметри дожд, а во текот на денот се очекуваат уште 18 сантиметри.
Сообраќајот е во застој, а автомобилите се потопија на Френклин Д. Рузвелт Ист Ривер Драјв, главната артерија на градот долж источната страна на Менхетен. Некои возачи ги оставиле возилата.
Њујорчанката Присила Фонталио рече дека три часа била заглавена во својот автомобил, кој бил на дел од автопатот кој не бил поплавен, но не се движеле.
– Никогаш во животот не сум видела вакво нешто – рече таа.
Фотографии и видеата објавени на социјалните мрежи покажуваат патишта под вода, поплавени подвозници и тунели, како и метро станици во кои вода се излеава од горе.