Во продолжение на израелските напади врз Појасот Газа, убиен е командантот на вооружената палестинска група Исламски џихад. Во израелските напади во последните денови животот го загубија најмалку 24 Палестинци, вклучително и цивили.
Командантот на палестинската вооружена група Исламски џихад е убиен во израелски воздушен напад врз Газа, пренесоа странските медиуми. Али Хасан Гали, познат и како Абу Мухамед, е убиен во стан на петти кат во близина на Кан Јунис. Тој ја предводеше единицата задолжена за лансирање ракети.
Во последните денови повторно ескалираа судирите меѓу израелската армија и палестинските сили. Само во средата, 460 ракети беа истрелани од Газа кон Израел – повеќето од нив беа промашени или пресретнати – а израелската армија погоди повеќе од 130 воени цели во Газа, јавува британски Би-Би-Си. Судирите меѓу Исламскиот џихад и израелската армија се најтешки во последните девет месеци или од август минатата година, кога во Газа беа убиени 49 Палестинци.
Од вторникот, најмалку 24 лица се убиени во Газа, меѓу кои најмалку десет цивили (според Ал Џезира, пет жени и пет деца). Убиени се и тројца други команданти на Исламскиот џихад. Во меѓувреме, во Израел не се регистрирани смртни случаи за време на тековните судири.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја коментираше смртта на командантите на Исламскиот џихад, велејќи дека на вооруженото движење му е зададен „најголемиот удар досега“, но дека воената кампања сè уште не е завршена, пренесе Би-би-си.
Исламскиот џихад е второто по големина вооружено движење во Газа по Хамас.