Недостигот на млеко последниве денови во Србија ги натера жителите на Врање уште еднаш да ја искористат близината на граничниот премин со Македонија, па некои, како што пред поскапувањето полнеа таму гориво, сега одат да купуваат млеко. Млекото во Македонија е поскапо е за десет динари (пет денари), но, како што велат, го има доволно во маркетите.
Како што пишува белградската Нова, свежо млеко сè уште нема ни во најснабдените маркети во Врање, нема ниту стерилизирани млеко, само повремено на некои маркети може да се најде пакување, кое, како што велат продавачите, „набрзина се разграбува“.
– Луѓето прават залихи, зашто неколку пати наишле на празни рафтови поради оние кои панично купуваат, и сега дури и тие што купиле некои вообичаени, нормални количини, купуваат по неколку пакувања ако наидат на некоја количина – изјави за Нова вработена во познат ланец на маркети.
Соседи и познаници купуваа за Врањанци
Многу врањанци кои имаа можност викендов купуваа млеко во соседна Македонија или роднини и познаници на минување им носеа залихи на млеко.
– На мојата роднина и донесов неколку пакети затоа што пред да дојдеме на гости ми кажа дека овде нема млеко. Колку што знам во Скопје го има доволно и чудно ми е затоа што претежно тоа е млеко од Босна и Херцеговина или Србија, рече потрошувачка од Скопје за Нова и додаде дека нема забележано оти луѓето во паника прават залихи и оцени дека луѓето што тоа го прават во Србија создаваат дополнителни проблеми.
Стерилизирано млеко во Македонија чини околу 70 денари (околу 140 динари), а жителите од Србија кои го купуваат таму ризикуваат да имаат проблеми на границата поради транспорт на тој вид храна, пишува Нова.
Македонија има млеко, само производството е намалено?
Додека Србија се плаши од недостиг на млеко, производителите во Македонија се прилично самоуверени. Преработувачите велат дека производството на сурово млеко во Македонија било намалено, пред сѐ, поради сушата и поскапувањата на добиточната храна, но воопшто не може да стане збор за траен недостиг, ниту има простор за такви стравувања, велат преработувачите.
Според нив, двете страни – и преработувачката индустрија и производителите соочени со енормниот пораст на трошоците и поскапувањата на енергенсите за 400 – 500 отсто, вложуваат максимални напори да ја зголемат откупната цена која во однос на минатата година бележи раст од околу 40 проценти, а кај фармерите со висок квалитет е и над 50 отсто.
Владата ги ограничи извозот на сурово и маржите за увоз на кравјо млеко
– За таа цел во изминатиот период се донесоа две значајни мерки: ограничување на трговската маржа до 10 отсто на трајно кравјо млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти со важност до 30 септември 2022 и во тек се анализи за оправданост на трговската маржа и евентуално продолжување за следниот период, како и укинување на царински стапки за увоз од светот на два тарифни броеви од царинската тарифа на именување на млеко и павлаката и тоа за некoнцентрирано и без дoдаден шеќер или други материи за засладување со тарифен број 0401 50 39 00 со царинска стапка од 20 отсто и за кoнцентрирано или сo дoдаден шеќер или други материи за засладување со тарифен број 0402 91 59 00 со царинска стапка од 15 тсто. Примената на укинатите царински стапки од 20 на 0 и 15 отсто на 0 проценти почна да се применува на 1 септември 2022 и ќе важи до 31 декември 2022 година, напоменуваат од Министерството за економија.
Владата на Србија на 6 септември годинава донесе одлука за забрана за извоз на сурово и пастеризирано млеко, освен за Северна Македонија и Албанија.