Речиси 12 години по смртта на Ејми Вајнхаус, започна производството на биографски филм за животот на британската соул икона.
Режисерот Сем Тејлор-Џонсон на Инстаграм објави дека снимањето на филмот „Back to Black“, именуван по вториот албум на Ејми, ќе започне во Лондон во понеделник, 16 јануари.
Таа ја објави и првата фотографија од актерката Мариса Абела преобразена во позната пејачка со крената коса, тетоважи и карактеристични големи обетки.
Заплетот на филмот ги следи „шарените рани години на Ејми во Лондон и нејзиното интензивно патување до славата“.
Тејлор-Џонсон е најпозната по филмскиот хит „50 Shades of Grey“ и по биографскиот музички филм „John Lennon: Nowhere Boy“.
Младата британска актерка Мариса Абела (26) е ѕвезда на ТВ серијата „Индустрија“ на HBO. Актерката објави фотографија на која стои пред голем графит портрет на Вајнхаус. Те сакам Ејми“, напишала под фотографијата, пишува dpa.
Сценариото за филмот го напиша Мет Гринхалг, сценарист на играното деби на Тејлор-Џонсон во 2009 година за Џон Ленон.
Филмот е заеднички продуциран од Focus Features, Monumental Pictures и Studiocanal.
„Првпат ја видов Ејми како настапува на шоу за таленти во џез-клуб во Сохо и веднаш ми беше очигледно дека не се работи само за талент, таа беше гениј. Се чувствувам и возбудено и понизно затоа што имам можност да ја реализирам и да ја донесам убавата, единствена и трагична приказна на Ејми во кината, придружена со најважниот дел од нејзиното наследство – нејзината музика“, рече меѓу другото режисерот за филмот.
Покрај нејзиниот величенствен глас и одличните музички хитови, Вајнхаус ги полнеше страниците на весниците поради своето однесување. Таа со години се бореше со зависноста од алкохол и дрога. Таа почина на 23 јули 2011 година од труење со алкохол на само 27 години.
Во 2015 година, британскиот режисер Асиф Кападиа сними документарен филм за животот на несреќната пејачка Ејми, за што доби Оскар.