Во израелски воздушен напад врз училиште претворено во засолниште во јужниот дел на Газа во вторникот загинаа најмалку 25 Палестинци, додека силното бомбардирање на север ги принуди медицинските установи во градот Газа да се затворат, испраќајќи илјадници луѓе да избегаат во потрага по сè понедостижно засолниште.
Новиот копнен напад на Израел врз најголемиот град во Газа е најновиот обид на земјата да се бори против милитантите на Хамас кои се прегрупираат во областите за кои армијата претходно рече дека во голема мера се „исчистени“.
Големи делови од градот Газа и околните урбани области се срамнети со земја или тешко оштетени по девет месеци борби. Голем дел од населението побегна порано во војната, но неколку стотици илјади Палестинци останаа на север.
Најмалку 25 лица загинаа во нападот на влезот на училиштето, објави репортер на Асошиетед прес кој ги пребројуваше телата во болницата Насер во Кан Јунис. Портпаролот на болницата Веам Фарес изјави дека меѓу загинатите има најмалку седум жени и деца и дека бројот на загинати најверојатно ќе се зголеми.
Во претходните воздушни напади во центарот на Газа загинаа најмалку 14 лица, меѓу кои една жена и 4 деца, соопштија две болници кои ги примија телата. Израел од почетокот на војната пред 9 месеци, постојано вели дека напаѓа цели низ Газа на кои наводно се лоцирани милитанти.
Откако Израел повика на евакуација од источниот и централниот дел на градот Газа во понеделникот, персоналот во двете болници – болницата Ал-Ахли и Здружението на пријатели на пациентите – побрзаа да ги преместат пациентите и да ги затворат објектите, соопштија Обединетите нации. Сите три медицински установи управувани од Црвената полумесечина во градот Газа се затворени, јавува АП.
Десетици пациенти беа префрлени во индонезиска болница во северниот дел на Газа, која и исто така често е цел на израелски напади.
– Не знаеме каде да одиме. Нема лекови и неопходни животни потреби. Полека умираме – изјави Мохамад Абу Насер, кој се лекувал таму.
Епископската црква на Блискиот Исток, која управува со болницата Ал-Ахли, соопшти дека болницата била принудена од израелската војска да се затвори, по наредбата за евакуација и бранот напади со беспилотни летала во близина.
Само 13 од 36 здравствени установи во Газа се сè уште функционални, и тоа само делумно, според хуманитарната канцеларија на Обединетите нации.
Хамас предупреди дека последниот напад во градот Газа може да доведе до колапс на преговорите за прекин на огнот и договор за ослободување на заложниците.