Во изминативе месеци меѓу младите во регионот, особено во Србија, се шири опасен Тик Ток предизвик – деца со велосипеди излетуваат на улица пред автомобилите.
Владимир Шушиќ од Футог станал жртва на Тик Ток предизвик чии актери биле средношколци. Имено, тие среде ноќ се возеле со велосипеди пред автомобилот на Шушиќ на самиот влез во Футог, а како што вели тој, во прв момент не знаел што му се случува. За среќа, реагирал во последен момент и била избегната несреќа. Тој како предупредување го споделил своето искуство на социјалните мрежи, пренесуваат српските медиуми.
Според неговото сведоштво, на прв поглед се изгледало нормално, пред да се случи инцидентот, освен што уличните светилки на влезот во местото Футог не работеле поради неодамнешното невреме.
– Се приближувам до пешачкиот премин, а од левата уличка на главниот пат излегуваат група од триесетина велосипедисти – деца, помлади средношколци, без воопшто да погледнат лево-десно. Тие се тркаат… тотално лудило, мое неверување. Нагло кочам, ја притискам сирената. Тие слават, мафтајќи со рацете во моја насока во знак на победа. Слушам утрово. ПРЕДИЗВИК!? – стои во објавата.
Владимир упати апел до локалната заедница, полициската станица и пред сѐ до родителите на децата и до целото општество.
– Колку долго ќе трае? Додека детето не се повреди? Никој одговорен не прави ништо, а „предизвикот“ трае од почетокот на летниот распуст, цел град зборува за тоа. Кога, не дај Боже, ќе се случи, тогаш сите ќе размислуваат за безбедност, за пропусти, за нешто – предупредува Владимир Шушиќ.