Во Грција за денеска е најавен нов пораст на температурите и до 45 степени Целзиусови во централните делови на земјата, додека пожарите продолжуваат да ги пустошат островите Родос и Крф.
Продолжува нов топлотен бран со температури меѓу 43 и 45 степени во централните и јужните делови на земјата, соопшти националната метеоролошка служба ЕМИ.
Најмалку 100 пожарникари денеска продолжија да се борат со пожарот на Евија.
Двајца пилоти на грчкото воздухопловство загинаа вчера кога нивниот хеликоптер се урна при гаснење на пожар на тој остров, а грчките власти прогласија тридневна жалост. Телото на уште една жртва од пожарот е пронајдено и на Евија.
На Родос, каде пожарот гори деветти ден по ред, 266 пожарникари со поддршка од три хеликоптери и два авиони се обидуваат да го локализираат пожарот.
На Крф, каде избувна пожарот минатиот викенд, беа распоредени 62 пожарникари, поддржани од два авиони и два хеликоптери.
Шумски пожар беснее во западниот дел на Пелопонез, а во гаснењето се вклучени 140 пожарникари со поддршка на хеликоптер.