Од 10 јуни од градинките во општина Карпош ќе треба да се отпишат сите деца кои не живеат на територијата на оваа општина. Одлуката е донесена на седницата на Советот на Општина Карпош одржана на 20 април 2022 година, а градаоначалникот Стевчо Јакимовски ова го најави уште во декември лани.
Сите градинки деновиве ги информирале родителите за оваа одлука, но тоа наиде на револт кај нив.
Во моментов 306 деца од населбите во Карпош чекаат место во градинките во оваа општина, а во нив се сместени 200 деца од други општини. Според Јакимовски, родителите кои живеат во општина Карпош, тука плаќаат данок и гласале за да им бидат решени нивните проблеми.
Во градинките во Карпош има 11 слободни училници со капацитет за околу 150-160 деца, но нема доволно персонал. Нема согласност од надлежните министерства да се прими персонал иако се испразнети повеќе од 25 места на негувателки, воспитувачки и технички персонал.
Засегнатите родители велат дека проблемите од соседните општини се прелеваат и во Карпош, зашто деца од општина Ѓорче Петров се запишуваат во Карпош, бидејќи сѐ уште не била во функција градинката во Волково, на пример.