Шумските пожари во централно Чиле изгореа повеќе од 366.000 хектари земја. Повеќе од 300 пожари се уште се активни, од кои 90 се уште не се под контрола.
Шумските пожари што го опустошија централниот дел на Чиле во последната недела уништија повеќе од 366.000 хектари земја, јавуваат странските новински агенции. Активни се 323 пожари, од кои 90 се уште не се под контрола на пожарникарите. Властите најавија помош за погодените, а воведоа и ноќен полициски час во некои региони.
Најголем дел од шумите изгореа во првите два дена
Шумските пожари што го опустошија централниот дел на Чиле во текот на изминатата недела уништија повеќе од 366.000 хектари земјиште, околу двапати поголемо од Лондон, а 90 пожари сè уште се надвор од контрола, соопшти во четвртокот агенцијата за управување со природни катастрофи на земјата, Сенапред.
Речиси 300.000 хектари изгореа во првите два дена, кога временските услови беа најлоши – со ветрови од 30 километри на час, температури над 30 степени Целзиусови и влажност под 30 проценти – и кога службите за итни случаи беа најмалку достапни.
Противпожарните бригади во Чиле главно се составени од доброволци. Околу 5.600 чилеански пожарникари, поддржани од експерти од Мексико, Колумбија, Шпанија и Аргентина, моментално учествуваат во напорите за гаснење на пожарот.
Веќе загинаа 24 лица
Досега во пожарите загинаа 24 лица, повеќе од 2.000 се повредени, а над 5.500 останаа без покрив над главата. Според француската новинска агенција АФП, уништени се најмалку 1.200 згради.
Пламените јазици продолжуваат да се разгоруваат поради температурите кои надминуваат 40 степени Целзиусови во многу региони поради силната суша, а властите стравуваат дека пожарите може дополнително да се прошират. Досега во Чиле се уапсени околу 20 лица, за кои се вели дека се одговорни за подметнување на пожарите, најмногу поради невнимание.
Истовремено, полициски час од денеска ќе важи и во 28 општини во најзагрозените подрачја. Жителите на локалитетите ќе мора да останат дома од полноќ до 5 часот наутро до понатамошно известување. Целта на мерката е да се спречат кражби и грабежи во погодените региони.