Бугарското Министерство за здравство соопшти дека поради недостаток на побарувачка, залихите на вакцини против коронавирус се зголемени во земјата и дека уништувањето на вакцините со истечен рок е неизбежно, јавува Анадолија.
Министерот Асен Меџидиев рече дека нема интерес за вакцинација.
„Ние сме на работ да уништиме 2,8 милиони вакцини на кои им истекува рокот“, рече Меџидиев.
Како што рече, поради слабиот интерес на граѓаните за вакцинација, ги затвориле одделенијата за вакцинација во главните болници во земјава, кои речиси никој веќе не ги посетува.
Меџидиев изјави дека по уништувањето на два милиони дози од вакцината, чиј рок на употреба истече лани, годинава ќе истече и рокот за 2,8 милиони дози.
Министерството за здравство соопшти дека Бугарија до крајот на оваа година морала да увезе уште осум милиони вакцини, во зависност од координираната политика на Европската унија (ЕУ) во борбата против коронавирусот.
Дел од овој договорен увоз се плаќа однапред.
Меџидиев рече дека овој увоз е „непотребен трошок“.
Бугарија е меѓу земјите со најниска стапка на вакцинација против коронавирус во ЕУ.
Околу 39.000 луѓе починаа како резултат на инфекција со коронавирус.