Во 2026 година да се зголеми старосната граница за одење во пензија на 67-годишна возраст и тоа и за мажи и за жени

Lorita
By Lorita 4 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Во 2026 година да се зголеми старосната граница за одење во пензија на 67-годишна возраст и тоа и за мажи и за жени. Ваква препорака стои во Фискалната стратегија 2025-2029 година што ја изготви Фискалниот совет, а ја усвои Собранието.

Фискалниот совет е државна институција чиј основач е Собранието. Советот беше формиран лани, на барање на меѓународната заедница, со цел да биде контролен механизам на власта против високи буџетски дефицити и високи нивоа на јавниот долг. Фискалниот совет мониторира како власта го крои буџетот и  како менаџира со јавниот долг на државата и укажува дали тоа е добро или лошо за фискалната одржливост. Во него членуваат и академик Абдулменаф Беџети, професорката од Економски факултет, Мирјана Трпеска, како и долгогодишниот банкар и професор Глигор Бишев. Членовите ги предложија три институции, и тоа Македонската академија на науките и уметностите, Државниот завод за ревизија и Народната банка на Македонија.

„Определбата за задржување на истите стапки на пензиско и инвалидско осигурување со значителното линеарно зголемување на пензиите на два пати по 2.500 денари не само што ќе го зголеми јазот помеѓу приходите од придонеси и расходите за пензии, а со тоа и потребата за покривање од Буџетот на државата, туку на подолг рок уште повеќе ќе ја наруши фискалната одржливост на ФПИОМ. Фискалниот совет е на мислење дека за одржување на ФПИОМ, за намалување на фискалните ризици и за консолдација на буџетот во наредниот среднорочен период, потребни се дополнителни мерки, како зголемување на работниот век на вработените, така и постепено (макар и благо) зголемување на стапката на придонесот за ФПИОМ. Тековната е 18,8% и е за 2,4% помала во однос на 2008 година, кога изнесуваше 21,2%. Кога на оваа би се додало стареењето на населението, а со тоа и секоја година зголемувањето на бројот на пензионери за околу 1.500 до 1.700 нови пензионери, придружено и со преференцијата за емигрирање на младите во странство, а со тоа и релативно намалување на покриеноста на пензионите приходи со наплатените придонеси, проблемот уште повеќе станува комплексен“, се вели во Стратегијата.

Оттука, се додава во документот, фискалната одржливост на Фондот за пензиско и инвалидско осифурување е посебен фискален ризик.

„Имајќи го в предвид значителното намалување на невработеноста и недостатокот од квалификувана и професионална работна сила, Фискалниот совет цврсто препорачува од почетокот на 2026 година да се зголеми старосната граница за пензионирање за мажи и жени на 67 години и истовремено да се зголеми стапката за пензиско осигурување за 0,7 процентни поени, односно да изнесува 19,5%. Потоа, во 2027 година би се направила дополнителна анализа на фискалната одржливост на ФПИОМ и во зависност од трендот и потребата би требало постепено да се зголемува стапката на најмалку 21% до 2029 година“.

На оваа препорака реагираше партијата Левица, која остро и недвосмислено се спротивставува на мислењето на Фискалниот совет.

„Македонија е социјална држава и нема да дозволиме ниту една институција од македонските работници да создаде робови на капиталот. Ја предупредуваме оваа, како и секоја идна Влада да не си игра со маката на работниот народ. Доколку сакаат интервенираат во ФПИОМ, тогаш нека почнат од нивните функционери кои го доведоа во ваква состојба! Повикуваме, Фискалниот совет да ги преиспита своите мислења. Потребно е спроведување стратешки политики во реалниот сектор кои ја подобруваат положбата на работниците, во спротивно бранот на иселување на млада и стручна работна сила нема да биде спречен, а со тоа нема да се спречи и намалувањето на придонесот во ФПИОМ“, реагира Левица.

Share This Article