Во 2022 година се регистрирани 36 нови случаи на ХИВ/СИДА во Македонија. За споредба, во 2021 година, регистрирани се 44 нови случаи на ХИВ/СИДА, покажува извештајот на Институтот за јавно здравје објавен денеска.
Годинава, од регистрираните случаи, од машки пол се 31 лице, од женски пол се 4, а регистрирано е и едно трансродово лице.
Возраста кај новорегистрираните случаи се движи од 20-64 години, а најголема застапеност е кај возрасната група од 40-44 години. Најголем број од случаите се во Скопје.
Според начинот на трансмисија, најголем број од случаите се кај МСМ популацијата, а хетеросексуалниот начин на пренос е регистриран кај 10 случаи.
Во 2022 година, регистрирани се 3 починати лица поради причини поврзани со СИДА.
Македонија се смета за земја со ниска преваленција на ХИВ. Директорката на Инфективната клиника во Скопје, Милена Стевановиќ, смета дека е загрижувачка ситуацијата со кратењето на средствата наменети за Програмата за заштита на населението од ХИВ.
– Кратењето значи помалку ХИВ тестирања и советувања за ХИВ кај клучните популации. Тоа се тестирања и советувања, кои се прават на терен, а тоа е многу важно бидејќи услугите се даваат на терен и најбитно, секое ново откриено лице со ХИВ е откриено во рана фаза на болеста, што за нас, како инфектолози е најбитно. Навремена дијагностика, значи навремен третман и очекуван просечен животен век како и кај ХИВ негативните лица – посочува директорката Стевановиќ за Радио МОФ.
Лицата кога не се свесни за својот ХИВ позитивен статус ненамерно ја шират инфекцијата со што се зголемува бројот на пациенти.
– За жал, лицата со ХИВ и ден денес се соочуваат со пречки при добивањето здравствена услуга и се одбивани само поради фактот дека се ХИВ позитивни – додава Стевановиќ.
Во моментов на Клиниката за инфективни болести се третираат 359 пациенти, од кои, како што информира директорката, 99% се недетектибилни за ХИВ, што значи дека инфекцијата е под контрола и не може да го пренесат ХИВ.
Од 1987 година до 30.11.2022 година се регистрирани вкупно 580 случаи на ХИВ/СИДА во Македонија. Од нив починале вкупно 123 лица.