Во 1991 година на протест во Сплит беше убиен Македонец, војник на тогашната ЈНА. Toj ќе добие комеморативна плоча, пренесува хрватски Индекс.
На зградата на градската управа во Сплит ќе биде поставена спомен плочата на Сашко Гешовски, кој воениот рок во ЈНА го служеше во хрватскиот град и беше убиен на големиот протест на 6 мај 1991 година пред зградата на Бановина, пишува порталот Далматински.
Ова го одлучи Комисијата за именување улици и плоштади на седница. Одлуката мора да биде потврдена од Градскиот совет. Ако зависи само од мнозинството, одлуката ќе помине непречено бидејќи помина и на Комисијата со осум гласа поддршка.
На седницата минатата година беше одлучено несреќниот млад човек да добие спомен плоча, но тогаш беше спорно името на неа на која пишуваше „Сашко Гешовски, невина жртва на протестите одржани на 6.5.1991 година“. Предлогот дојде од активистот Марко Гај, кој со години се бореше за обележјето. Тогаш не беше постигнат консензус околу натписот, беше констатирано дека може погрешно да се протолкува, па се бараше компромис.
Никогаш не беше откриено како точно починал Сашко Гешовски.
На мермерната плоча, на зградата пред која животот му го прекина куршум, ќе биде испишан овој натпис:
SAŠKO GEŠOVSKI
Сашко Гешовски
Kavadarci (Кавадарци), 31.10.1971. – Split (Сплит), 6.5.1991.
NESRETNO STRADAO 6. SVIBNJA 1991. GODINE
НЕСРЕЌНО ЗAГИHA HA 6. MAJ 1991.