ВМРО-ДПМНЕ со два софтверски проекти, е-урбанизам и бим софтвер ќе се бори против корупцијата во урбанизмот – соопшти партијата.
„Првиот, е-урбанизам или е-простор значи намалување на постапките и времето што се чека од надлежни институции за одговор. Сега за еден проект потребно е мислење од институции како МЕПСО, ЕВН, комунални претпријатија, министерства други институции како Завод за културно и историско наследство. Планот на ВМРО-ДПМНЕ е ова да се дигитализира или лицето кое го подготвува урбанистичкиот план, информациите наместо со трчање по институции, да ги добие со софтверска алатка.
Вториот, бим-софтвер или бим-алатка, би ја користеле проектантите и институциите кои во процес на вадење на градежна дозвола ќе можат да го вметнат самиот проект, а алатката да ми даде одговор на тоа дали проектот одговара на урбанистичките основи.
Овие алатки ќе водат до поголема транспарентност, побрз процес на издавање на документи и што е најважно, со ова ќе се сузбива корупцијата во општеството која е еден од најголемите проблеми на граѓаните“ – соопшти партијата.
ВМРО-ДПМНЕ исто така соопшти дека, согласно направените анализи и градежните капацитети, следната влада до крајот на 2026 ќе го доврши автопатот од Кичево до Охрид.
„Во исто време, идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја доврши изградбата на експресниот пат од Градско, преку Росоман до Прилеп кој со правилен менаџмент и со јасен план ќе се финализира до 2026 година“, се вели во соопштението.