Ковачевски и Груби сè што кажаа во одбрана на криминалниот тендер за надзор на изградбата на коридорите 8 и 10Д, се излажаа. А, народот вели, кој лаже тој и краде, реагира ВМРО-ДПМНЕ на последните сознанија на медиумите во врска со контроверзниот избор на фирмата која ќе го врши надзорот на изградба на коридорите 8 и 10Д.
– Фактите целосно ги побија нивните невистини. (Артан) Груби и (Димитар) Ковачевски уверуваа дека странски експерти ќе го водат надзорот, а се покажа дека македонските контроверзни фирми „Електра Солушн“ на Ампови и „Евро консалтинг“ (на криминалецот баран со потерница Бранимир Димитријевиќ) ќе добијат 70% од мрсниот тендер. Односно од 22 милиони евра „Електра Солушн“ ќе земе 8,2 милиони евра, а фирмата на криминалецот баран со меѓународна потерница Бранимир Димитријевиќ ќе наплати 7,1 милион евра – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата владините функционери лажеле и кога тврделе дека компаниите кои ќе го вршат надзорот се реномирани.
– Власта уверуваше дека компаниите се реномирани, а „Електра Солушн“ добила лиценца за надзор во време пред истекот на рокот на јавната набавка и од долгогодишно искуство единствено може да се пофали со шиење на долна облека. Груби и екипата избрале фирма за долна облека да врши надзор на изградба на автопатишта во Македонија. Тоа доволно говори само по себе. Дополнително, наместо мноштво реномираните странски експерти за надзор се сведоа само на 5 лица, од кои 4 од регионот, а дел од нив и со македонско потекло. Секоја лага им падна во вода исто како што лажеа за новиот менаџмент на „Ептиса“, па се покажа дека е компанија со непроменет кинески менаџмент од 2016-та, лажеа за реномето, а се покажа дека за истата влада на СДС и ДУИ дале лоша референца за нив и препорака да не се соработува, лажеа дека Бранимир Димитријевиќ нема никаква врска со сопственоста на една од фирмите во конзорциумот, па се покажа дека компанијата е уште поврзана со него и уште еден тон лаги од оваа власт на Ковачевски и Груби – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму бараат реакција и на јавното обвинителство
– Јавното обвинителство за ова не смее да молчи и да бега. Ислам Абази нека не се крие и нека започне постапка. Ова смрди – корне на корупција и наместен тендер -додаваат од партијата.