Иран побара од Русија да испорача напредни радари и опрема за противвоздушна одбрана.
Иран побара од Русија опрема за противвоздушна одбрана и радари поради зголемените тензии на Блискиот Исток, објави во понеделникот Њујорк Тајмс. Испораката на споменатото оружје се очекува да започне наскоро по посетата на поранешниот руски министер за одбрана и шеф на Советот за национална безбедност, Сергеј Шојгу, на Техеран во понеделник.
Двајца ирански функционери, од кои едниот е член на Револуционерната гарда, потврдија дека Иран побарал од Русија да испорача напредни радари и опрема за противвоздушна одбрана. Снабдувањето треба да започне по разговорите меѓу Шојгу и иранските власти во Техеран, објави германската новинска агенција ДПА, цитирајќи локални медиуми.
Во понеделникот Шојгу го посети Техеран, каде меѓу другото се сретна и со новиот претседател Масуд Пезешкијан. Целта на посетата беше зајакнување на меѓусебните односи и проучување на регионалните и меѓународните безбедносни прашања.
Пезешкијан на средбата рече дека израелските злосторства во Газа и убиството на политичкиот лидер на палестинското исламистичко движење Исмаил Ханија во Техеран се „јасни примери за кршење на сите меѓународни закони и прописи“. Истовремено, тој нагласи дека Техеран е решен да ги прошири односите со својот стратешки партнер Русија. „Русија е меѓу земјите кои застанаа покрај иранската нација во тешки времиња“, додаде тој.
Ситуацијата на Блискиот Исток се влоши по убиството на Ханија во Техеран и еден од главните команданти на шиитското движење Хезболах Фуад Шукра во Бејрут. Иран и неговите сојузници, вклучително и Хезболах, се заканија дека ќе возвратат. Иако Техеран инсистира на тоа дека не сака да ги ескалира тензиите во регионот, тој верува дека казнувањето на Израел е неопходно за да се спречи понатамошна нестабилност.