Министерот за одбрана Арменд Мехај соопшти дека Третиот полк денеска марширал од касарната во Јужна Митровица до селото Свињаре и назад, а маршот немал никаква врска со ситуацијата на северот на Косово.
„Третиот полк денеска изведе марш кој беше планиран за нашите 215 војници. Маршот во Јужна Митровица започна од касарната до селото Свињаре во околината и се врати во касарната. Ваквите маршеви се редовни. Оваа вежба беше дел од годишниот план и се реализираше денеска. Апелираме до сите да не даваат други конотации на ваквите активности бидејќи маршот нема врска со безбедносната состојба на северот на Републиката“, напиша Мехај на Фејсбук.
Тој додаде дека одговорноста за безбедноста на граѓаните ја има косовската полиција.
„Одговорноста за безбедноста на нашите граѓани е на косовската полиција, која е задолжена за неа и многу успешно ја врши својата работа. Ве молиме не верувајте во дезинформациите и лажните вести“, посочи Мехај.
Видеото откако се сподели предизвика големо внимание на социјалните мрежи и беше споделено со молскавична брзина.
Самото видео беше проследено со различни пораки.
„Претпоставувам дека ова е провокација и покажување сила. Неразумни постапки од двете страни“, напиша на Твитер, Рада Трајковиќ, советник на косовскиот министер за заедници Ненад Рашиќ,
„И Албанците и Србите треба да бидат свесни дека нашата младина ќе ги положи своите животи доколку дојде до конфликт. НАТО нема да се бори за нашите животи, ниту имаат мандат да го сторат тоа“, напиша Трајковиќ