СДСМ ја зголеми двојно минималната плата, од 8,800 денари во време на ВМРО-ДПМНЕ на 18.000 денари. СДСМ го цени и го вреднува трудот на работниците, вистински се грижи за зголемување на стандардот на граѓаните, се вели во реакцијата на СДСМ на поднесениот амандман во собраниската расправа за измените во Законот за минимална плата, од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
„ВМРО-ДПМНЕ и негови високи функционери како Трајко Славевски и Данела Арсовска жестоко се противеа на секое зголемување на минималната плата. Додека ВМРО-ДПМНЕ како власт со години ја држеше минималната плата замрзната и ги дискриминираше работниците во одредени индустрии – велат од владејачката партија.
Од СДСМ порачуваат дека е лицемерен амандманот на ВМРО-ДПМНЕ за усогласување на платите во јавниот сектор, а истата таа партија 10 месеци ги блокира законските измени со кои 4.700 наставници во основното и средно образование ќе добијат трајно вработување и поголеми плати за сите наставници.
„Барањето на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ е задоцнето, Владата веќе најави и кажа на економско -социјалниот совет дека дијалогот за усогласување на платите во јавниот сектор ќе следи, секое усогласување на платите во јавниот сектор ќе се одвива низ социјален дијалог“, додадоа од СДСМ.