Владата на денешната 89-та седница утврди два предлог закони за ратификации на договори, предложени од Министерството за надворешни работи, коишто се однесуваат на потпишани договори при соработката во рамки на иницијативата „Отворен Балкан”.
Како што соопшти владината прес-служба, утврден е Предлогот на закон за ратификација на Договорот помеѓу земјите од Западен Балкан од областа на меѓусебното признавање на дипломи и научни степени издадени од високообразовни институции и други овластени институции, чија цел е да се олеснат процедурите за признавање.
„Тоа е предвидено преку олеснување на институционалната соработка во областа на признавањето на дипломите и научните степени од високо образование, стекнати во земјите на договорните страни, помеѓу канцелариите ENIC/NARIC“, се наведува соопштението од владината седница.
Вториот е Предлогот на закон за ратификација на Договорот за соработка во заштита од катастрофи во Западен Балкан, чија цел е договорните страни, во согласност со нивните соодветни расположливи капацитети, да си помагаат една на друга, во случај на катастрофи, кога договорната страна барател, не е во состојба да се справи со последиците од катастрофата, користејќи ги сопствените ресурси.