Нема изгледи дека животот на граѓаните ќе се подобри во наредниот период. Инфлацијата го тенчи буџетот на граѓаните, а антикризните мерки на владата не ги даваат очекуваните резултати. И покрај тоа што последните податоци покажуваат дека има знаци на привремено запирање на натамошното екстремно зголемување на цените, инфлаторната спирала не запре. Земјава е меѓу првите во Европа по висината на инфлацијата и е на врвот во регионот.
Државниот завод за статистика соопшти дека во ноември трошоците на живот пораснале за 19,5 отсто во однос на истиот месец лани. Цените пораснале за 15,2 отсто. Екстремно зголемување на цените од 30 отсто има кај храната, но поскапеле и комуналиите, за 20 отсто, како и транспортот, за 16,5 отсто. Овие три ставки ги погодуваат платите на граѓаните и се голема опасност за лицата со ниски примања.
Граѓаните се жалат дека ова е веќе неиздржливо за нивниот стандард, а синдикатите веќе реагираат со барање за повисоки плати бидејќи потрошувачката кошничка дополнително поскапе.
– Не знам како веќе да ги планирам трошоците. Почнавме да штедиме на сè. Купуваме помалку месо, млеко обезбедуваме само за децата. Но, цените не паѓаат, како што најави министерот Крешник Бектеши. И нормално, кој ќе намали цена ако има повисоки трошоци и нема од каде да ги покрие. Нема живот за нас во земјава. Соседите, слушам, имаат нови мерки на ограничени цени на производи, даваат пари за граѓаните, помагаат да се излезе на крај со трошоците, но кај нас некако се доцни. Најавија дека ќе дадат некаква помош, ама сега велат требало да помине буџетот за следната година. А каде се парите од овој буџет, па нели и оваа година е кризна? Да не сме ние пензионерите децата ќе ни гладуваат – вели Ана М. пензионерка од Скопје.
Синдикатите веќе пресметаа дека минималната кошничка на четиричлено семејство порасна за 200 денари за еден месец. Таа во ноември изнесувала 51.714 денари, без трошоците за гориво, бидејќи во кошничката не се пресметуваат трошоците за автомобил, и без кредитите кои исто така на се дел од минималната синдикална кошничка.
Повеќе од половина од парите или 19.518 денари биле потребни за обезбедување на основни прехранбени намирници, а за режиски трошоци биле потребни 13.000 денари.
Централната банка во изминатиот период неколку пати ја зголеми основната каматна стапка. Со последната промена од средината на ноември таа сега изнесува 4,25 отсто. Банката донесе и други мерки за запирање на инфлацијата кои требаше да ја намалат потрошувачката.
Според Народна банка, инфлацијата во последните месеци забрза, за што најмногу придонесува растот на цените на храната.
„Тоа го нагласува влијанието на увезените ценовни притисоци од храната и енергијата врз домашната инфлација, врз коишто монетарната политика нема директно влијание. Забрзувањето во целост се должи на порастот на цените на одредени типови прехранбени производи на домашниот пазар. Со тоа, просечната годишна инфлација во периодот јануари – октомври 2022 година изнесува 13,2%, од кои и натаму ¾ се резултат на растот на цените на прехранбените производи и на енергијата. И покрај тоа што факторите коишто придонесуваат за раст на инфлацијата претежно се увезени ценовни притисоци, тие влијаат и врз инфлациските очекувања. За ова придонесува и неизвесноста од идната динамика на цените на примарните производи на берзите, а особено на енергенсите, кои растат поради воените случувања во Украина и санкциите кон Русија. Оттука, од исклучителна важност е водењето претпазливи домашни политики и внимателното управување со домашната побарувачка. Според тековните остварувања и оцените за увозните цени, ризиците за инфлацијата се нагорни“, се вели во последното соопштение на Народната банка.
Есенските проекции на централната банка покажуваат дека до крајот на годината инфлацијата ќе достигне ниво од 14,3 отсто, а следната година се очекува постепено забавување на ниво од 8 до 9 отсто. На среден рок, инфлацијата ќе се намалува сведувајќи се на 2,4 отсто во 2024 година и на 2 отсто во 2025 година. Централната банка не очекува квартален пад на економијата.
Владата, пак, во предлог-буџетот предвиде инфлација од 7,1 отсто за следната година.
Гувернерката на Народна Банка Анита Ангеловска-Бежоска кога ги соопштуваше есенските проекции на банката појасни зошто земјава е поподложна на висока инфлација во однос на другите земји од ЕУ.
– Нашата увозна зависност и степенот на трговска отвореност на нашата економија е значајно поголем во споредба со ЕУ. Кај нас трговската отвореност е 140 отсто од БДП, а во ЕУ 70 отсто. Вториот важен фактор е голема увозна зависност во енергетскиот сектор, а нашата економија во споредба со европската е енергетски поинтензивна. Третиот значаен фактор е потрошувачката кошничка, односно кај нас на храна и енергија отпаѓа околу 50 отсто, а во ЕУ околу 30 отсто. Оттука, јасно е дека ист глобален шок ги погодува сите економии, но интензитетот со кој ги погодува е различен зашто зависи од голем број домашни фактори – изјави Ангеловска-Бежоска.
Владата во текот на годината, за да се справи со ценовниот шок предизвикан од енергетската криза и војната во Украина, донесе неколку различни мерки за намалување на цените. Прво ги ограничи цените, па по неколку месеци ги ограничи маржите, но цените и натаму растеа заедно со инфлацијата. Последната мерка со која владата очекува да влијае на намалување на цените на прехранбените производи се сведе на субвенционирање на цената на струјата за домашните пекари и млекопреработувачи, но нема јасна слика кога и за колку ќе се намалат цените на овие производи. Оваа мерка, која е на сила од 1 декември, уште не ги дава резултатите иако има одредено придвижување кај цените, без посебно објаснување. Владата се надева на намалување на цените за 10 отсто, но производните компании велат тоа ќе зависи од учеството на струјата во цената на производот и цените на суровините кои се користат во производството. Според нив, не се знае колакво ќе биде намалувањето на цените, дали тоа ќе биде за 2, за 5 или за 10 отсто.
Познавачите на состојбите велат дека проблемот на рекордна инфлација двојно повисока од регионот и меѓу највисоките во Европа е поради немањето соодветен одговор од власта, иако Народната банка ги презема мерките кои треба да придонесат на смирување на инфлацијата.
Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини смета дека популизмот на владата и желбата да се задржи на власт не ѝ дозволуваат да размислува за соодветен одговор на инфлацијата и на енормниот раст на цените. Тој смета дека народната банка ги презема сите потребни мерки за да го намали ценовниот шок.
– Имаме скоро двојно повисока инфлација од регионот и покрај таканаречениот најенергичен одговор на енергетската и ценовна криза од страна на владата. Такви изјави слушаме секојдневно, но сметам дека нема кој да се бори со ефектите од кризата, бидејќи владата и сега има единствена цел да се одржи на власт. Парите ги потрошија, направија и висок дефицит за следната година, но од борбата со инфлацијата и енергетската криза има само гол популизам. Тоа се гледа од катастрофалната состојба. Прво се прави обид да се разубави состојбата, која е катастрофална, преку лаги во изјавите кои ги даваат првите луѓе на институциите. Тие велат дека се успешни во борбата со инфлацијата, но Државниот завод за статистика не може да лаже и ги кажува состојбите какви што се. Инфлацијата на стивнува ниту пак се намалува бидејќи нема соодветен одговор. Второ, цените на основните прехранбени производи, со кои само се манипулира дека се намалуваат, се зголемија 100 отсто што ги засега 70 отсто од граѓаните кои се веќе сиромашни или се на прагот на сиромаштија – вели Хајредини.
Според него, и во следните месеци нема да има подобрување на состојбата, бидејќи владата, иако знае што се случува и што треба да направи, не успева да изнајде начин да се справи со состојбата.
– Единствен излез од ова се избори кои ќе овозможат да дојдат нови кадри кои досега не биле вклучени во ниту една власт. Но, и тогаш нема да има брзо подобрување на состојбата бидејќи ќе треба долго време да се поправи она што е направено со погрешните економски политики – вели Хајредини.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека владата не е во состојба да ја стабилизира инфлацијата и да им помогне на најсиромашните кои се најпогодени од високите цени на прехранбените производи.
– Во ноември во Македонија е измерена стапка на инфлација од 19,5 отсто, што е највисока стапка на инфлација во регионот и една од највисоките во цела Европа. Ова покажува дека трошоците за живот во Македонија најмногу растат, а стандардот на граѓаните најбрзо се смалува. Со други зборови, народот во Македонија тоне во сиромаштија што е уште еден во низата поразителни економски факти за земјата во време на власта на СДСМ и на Димитар Ковачевски – велат од ВМРО-ДПМНЕ.