Владата нема да ја субвенционира каматата на компаниите, туку целта е фирмите да добијат кредити со пониска каматна стапка од досегашниот просек од 4,9% по кој добиваат средства од комерцијалните банки, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостување во ТВ Сител.
Министерката рече дека владата ја продолжува комуникацијата со банките и чека тие да се произнесат за можноста каматната стапка за кредитите да биде на пониско ниво од 3,24%, како и да се утврдат некои детали во однос на критериумите.
Таа вели дека немало никаков проблем во разговорите со банкарскиот сектор и дека она што не можело да се договори бил рокот на отплата, но дека ќе се најде заедничко решение.
– Со банкарскиот сектор единствено на некој начин не можевме да го договориме рокот на отплата, затоа што секоја банка има интерна процедура за носење одлука која зависи дали станува збор за опрема или градежни објекти. Целта беше да постигнеме заеднички договор со кој би утврдиле кои би биле роковите, односно тие да ги прифатат истите услови под кои ние го зедовме кредитот, а тоа е 3 години грејс период и 12 години рок на отплата. На тој начин да избегнеме ситуација на одење на клиентите од една во друга банка. И ние во тој дел разговаравме. Во делот на каматата Владата останува доколку може да изнајде начин и да договори со банките на некој начинн и тие да имаат општествена одговорност, а со цел да поттикнеме поголемо инвестирање. Тоа беше намерата на премиерот и во таа насока бараше и банките да одат во делумно субвенционирање на каматата, коешто ако ги погледнеме сите кредитни линии што оделе од Развојната банка биле субвенционирани од Владата вклучително и онаа последна којашто е донесена како одлука од претходната Влада на 25.07.2023 година и со која се субвенционира од Владата, но каматата ја намалува за 1 п.п. кој го финансира банкарскиот сектор. Не нудевме ништо празлично од тоа што досега го имало претходно со Развојната банка. Премиерот имаше еден нов предлог и ќе видиме како ќе се произнесат банките. Ние секако ќе ја субвенционираме каматата и да видиме колку пониско ќе можат банките да ги пласираат средствата дури и под 3,25% – рече министерката.
Таа потенцираше дека не станува збор за субвенционирање на каматата на компаниите кои ќе ги земат кредитите, туку дека фирмите ќе платат пониска камата од она што е сега просечна по која ги добиваат средствата од банките.
– Фирмите ќе ја платат каматата која ќе биде пониска од она што во моментот го добиваат од комерцијалните банки, а тоа е просечно 4,9%. Можноста е сега тие да добијат пониска камата од 3,25% и таа да биде максимумот по кој би ги добиле средствата приватниот сектор – рече министерката и потенцира дека никогаш не станало збор дека Владата ќе ги плати каматите на фирмите.
Во интервјуто министерката се осврна и на Предлог-буџетот за 2025 година за кој од денеска во рамки на Комисијата за финансирање и буџет почнува амандманската расправа.