Бизнисот направи анализа за потребата од увоз на странски работници бидејќи таква потреба има во речиси сите сектори: градежен сектор, текстилна индустрија, земјоделие, сточарство, услужен сектор-сервиси, занаетчиство, туризам и угостителство. Законски, меѓутоа само 5.000 луѓе од странство, според определената квота за годинава, можат да добијат дозвола за работа во некоја домашна компанија. Колку работници се увезени во земјава во текот на годината нема податок, но се знае дека голем број компании ја почнале постапката за увоз на работна сила преку домашни и странски компании или преку блиски партнери во странство.
Зоран Кочовски од Агенцијата за посредување при вработување „Коузон“ која подготви анализа за интеграција на странски работници во земјава и ја достави до бизнис заедниците и до владата, вели дека потребата од работници во земјава е голема, но дека нема конкретна законска подлога за поинтензивно реализирање на процесот, а отсуствува и интерес од владата процесот да се забрза.
– Владата прво треба да донесе стратегија во која ќе утврди кои ќе бидат доминантни сектори за кои ќе се увезуваат работници и да ги одбере регионите од каде што ќе се бараат работници. Потоа ќе треба да се потпишат билатерални спогодби со тие земји и да се отворат конзуларни претставништва во тие земји за да се реализира процесот побрзо, но и да направи законски систем за интеграција на овие работници во земјава кој ќе им гарантира на странците дека ќе можат да останат одреден период, дека ќе имаат вработување, здравствено осигурување, и да ги утврди позициите на работодавачите во тој процес – покривање на трошоците, сместување, храна, превоз до работно место и слично – вели Кочовски.
Според него, за успешно завршување на процесот потребно е и да се утврдат критериуми за добивање лиценци на агенциите за посредување при вработување за носење на работници од странство.
– Во нашата регулатива не се размислувало за овој проблем и сега агенциите за посредување при вработување можат да посредуваат само за работници за вработување од земјава и од земјава во странство. Нема лиценца која ќе овозможи вработување на странски работници во земјава. Тоа е проблем, ако сакаме целиот процес да биде законски воден – додава тој.
Проблем е и тоа што владата не е доволно заинтересирана да ја забрза постапката за увоз на работници од странство. Носењето работници е отежнато бидејќи нема конзуларни претставништва во голем број од земјите погодни за регрутирање работници.
– Преку Коузон годинава 5 компании побараа да донесат околу 130 општи работници. Постапките се во тек, но имаме проблеми со оддалеченоста на конзуларните претставништва. На пример, за една текстилна компанија треба да донесеме 42 работника од Шри Ланка. Тие неколку пати треба да одат во амбасадата во Индија за да ги обезбедат сите документи за што се потребни и време и пари. Тоа е бавен процес кој би се забрзал, ако земјава отвори претставништво во Шри Ланка од каде може да се регрутираат работници. Такви претставништва или посебни канцеларии треба да се отворат во земјите од каде што според стратегијата ќе се бараат работници. Кога се има предвид ова прашање треба да се отстранат и административните бариери, како и периодот на издавање визи – појаснува Кочовски.
Искуствата во регионот, вели тој, се малку поинакви отколку кај нас.
– Владите во регионот се позаинтересирани за проблематиката. На пример, Словенија откако ги утврди земјите од каде што ќе регрутира работници, отвори и конзуларни претставништва таму, за да оди процесот побрзо и потпиша билатерални спогодби. Грција, пак, отвори канал за регрутирање на 15.000 работници од Бангладеш со што им ја олесни работата и на агенциите и на компаниите. Избор на држави од кои ќе увезуваат работници направија и другите држави во регионот, по теркот на европските земји и со нив веќе потпишаа билатерални договори – додава тој.
За да донесат работници работодавачите во земјава треба да бидат подготвени да ги покријат трошоците за нивно доаѓање и враќање на работниците, за сместување и храна. Во анализата се наведува дека трошоците за сместување во просек се од 50 со 150 евра, додека пак трошоците за влезна виза и превозот до земјава зависат од оддалеченоста на земјата од која се увезуваат работници. Во трошоците на компаниите се пресметани и очекуваните плати.
„Трошоците за влезна виза за државите од Далечниот Исток се од 800 до 1.000 евра, со очекувана плата од 360 до 600 евра. Од источна Турција трошокот за доаѓање се движи од 400 до 600 евра, а се очекува плата од 500 до 600 евра нето. Од африканските држави доаѓањето ќе ги чини од 650 до 850 евра, а очекуваната плата се движи од 400 до 700 евра“, се наведува во анализата.
Во однос на трошоците за авионски билети од потенцијални земји за регрутирање на работна сила, тие според анализата се движат од 300 до 800 евра по лица.
Според анализата во која се утврдени потребите на секторите и висината на платата која им се дава на работниците најпогодни земји за увоз на работници се Филипини, Турција, Индија, Шри Ланка, Непал, но и Зимбабве, Кенија …
„За работници во угостителството и во туризмот потенцијални работници може да се најдат во Филипини, Турција Индија, Кенија и во Зимбабве, за градежништвото работници има во Турција, Индија, Бангладеш и во Непал. За текстилната индустрија може да се регрутираат работници во Индија, Шри Ланка и во Непал, за услужните дејности во Филипини, Кенија и во Зимбабве, за секторот нега на стари лица во Филипини и во Зимбабве. Потребите од работници во медицината можат да се обезбедат во Филипини, додека за сточарството во Зимбабве, Кенија и во Индија, а за рударство од Зимбабве. Општа работна сила може да се обезбеди од Непал и од Шри Ланка“, се наведува во анализата.
Во анализата се наведени и можните предизвици при реализирање на процесот кои се однесуваат на сместувачките капацитети, верските и културните бариери, како и опасноста од нелегално напуштање на земјата од страна на увезените работници и преголемите очекувања од овој процес.
Работодавачите кои имаат потреба од работници, велат дека ништо не е направено од страна на владата состојбата да се подобри и забележуваат дека владата најверојатно има предрасуди дека ќе ги запостави невработените во земјава кои и покрај обидите да се преквалификуваат малку се пријавуваат.
– Неколку помали фирми затворија бидејќи не можат да најдат работници за да ги заменат оние што заминаа на сезонска работа или трајно се иселија во странство. Сега се обидуваат да се испробаат во други дејности. Проблемот со работници во текстилниот сектор трае со години, но во последниот период процесот се забрзува бидејќи дел од работниците ги напуштаат работните места и поради задолженост со кредити чии камати се зголемија како резултат на мерките за намалување на инфлацијата. Нови работници не можат да се најдат и покрај тоа што на бироата има невработени, бидејќи младите не сакаат да работат во текстилот иако и овде може да се земе плата повисока од просекот. Има работнички кои заработуваат и по 30.000 денари, но таа плата треба да се заработи со работа. Нам ни останува да увеземе работници или да ја зголемиме продуктивноста со купување посовремени машини кои ќе заменат неколку работници – изјави неодамна за Плусинфо, Ангел Димитров од конфекцијата „Мода“ од Свети Николе.