Веќе е донесена одлука за намалување на одредени царински давачки за тестенини и производи од доматно пире итн. што би требало да придонесе да се намалат цените на овие производи. Се разговара и се прават последните анализи за одредени производи кои се во сегментот „млеко и млечни производи“ и наскоро, и веќе наредните денови или следната недела ќе имаме нова листа на продукти за кои ќе бидат обзнанети нови мерки – изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Не можеме, додаде тој, да дефинираме што е најповолна цена за граѓаните, но мерките коишто ги носиме, а тоа се субвенционирана цена на електрична енергија за прехранбениот сектор, имаше одреден ефект, меѓутоа не краен ефект и моравме да посегнеме по замрзнување на цените.
– Ние не сакаме да нанесеме штета кај стопанствениците, но сите ќе треба заедно да впрегнеме сили и да ги намалиме цените за граѓанинот да биде најмалку оштетен во овој кризен период. Идејата на давањето на субвенција не ни беше да овозможиме на компаниите да го зголемат профитот и тоа нема да биде дозволено. Замрзнувањето на цените не значи дека компаниите не генерираат профит, но нивниот профит е помал и тоа треба да им е јасно на сите. Дури и во замрзнатата цена на лебот од 33 денари има маржа на добивка која е профит за компаниите, но не е онаков каков што тие очекувале – истакна Битиќи.
Тој посочи дека во случајот со лебот имаше општествено одговорни компании кои сами понудија пониска цена од замрзнатата.
– Тоа е начинот како треба да се однесуваме. Во кризен период сите губат нешто, но и сите добиваат, а добиваат тоа што граѓаните ќе бидат задоволни и помалку ќе ја осетат кризата. Тоа е клучната порака – порача Битиќи.
фото: МИА