Владата на Косово донесе одлука да ги прогласи за терористички организациите „Цивилна заштита“ и „Северна бригада“, нелегални формации на косовските Срби, кои дејствуваат на северот на земјата кој е населен со мнозинско српско население, јави дописникот на МИА од Приштина.
Премиерот Албин Курти рече дека тие организации претставуваат „сериозна и директна закана за безбедноста и уставниот поредок на Косово“.
Меѓу причините кои ги наброја за прогласувањето на двете организации за терористи, тој рече дека тие го организирале „регрутирање и обука на свои припадници за користење огнено оружје и воени методи во воени бази во Србија“ и организирале напади врз домашни и меѓународни институции.
Министерот за внатрешни работи Џељаљ Свечља рече дека се работи на идентификувањето на тие кои ги загрозуваат уставноста, законитоста и безбедноста на Косово и ги обвини претходните влади дека ги толерирале групите кои вршеле такви дејствија.
На прогласувањето на двете организации за терористички се спротивстави единствениот министер Србин во Владата на Курти, Ненад Рашиќ, кој побара од министерот Свечља да го преиспита предлогот, а од Владата да не донесува избрзани одлуки.
– Некои одлуки се избрзани и мислам дека треба да се движиме многу внимателно. Ве молам доколку е можно да размислите уште еднаш и да ги преразгледаме предлогот и одлуката, затоа што стравувам дека ќе ги разделиме патиштата со нашите соговорници на север. Ваквиот пристап ќе не оддалечи многу од нив – рече Рашиќ, кој е министер за заедници и враќање.