Владата на денешната седница донесе решение да го распушти Советот на Општина Тетово, по што ќе биде информирано Собранието со цел да се организират вонредни избори за советници.
Како што информираат од владината прес-службата, одлуката е донесена брз основа на членот 75 од Законот за локална самоуправа каде се предвидува распуштање на Советот дотолку до 31 март не се донесе завршната сметка и Буџетот.
– За ова решение, согласно законот, Владата ќе го извести Собранието на Република Северна Македонија по што ќе следува спроведување на постапката за организирање вонредни избори за Советот на Општина Тетово согласно законските одредби – информира владината прес-служба.
Претседателот на досегашниот совет кој се формираше по локалните избори во октомври лани, Бесар Дурмиши, денеска побара што поскоро да се донесе одлука и да се определи датум за нови избори.
Според него, ова е најдобро решение за Општината, бидејќи Советот не функционира и не може да носи одлуки.
– Ние сега ќе чекаме од Талат Џафери, претседателот на Собранието, да ги распише изборите за локалната власт, и да го каже датумот. Најдобро за Општината е побрзо да се одржат локалните изборите зашто во многу работи Општината не функционира како што треба без Советот – изјави Дурмиши.u