Граѓаните на Македонија заклучно со вчера донирале 3.363.800 денари преку телефонските линии, а во Фондот на солидарност на Црвен крст на РСМ се уплатени вкупно 6.467.192 денари како помош за настраданите во катастрофалниот земјотрес во Туркије и во Сирија.
Вкупно се собрани 9.830.992 денари. Црвениот крст на Македонија од своите стокови резерви издвои 1.000 семејни пакети со храна, 1.500 хигиенски пакети и 4.000 ќебиња.
– Со Амбасадата на Република Турција договорено е во наредниот период активностите да бидат насочени кон собирање хуманитарна помош во пари. Ги поддржуваме напорите и активностите кои се однесуваат на донирање материјална помош од фирмите. Помалите донации и иницијативи на граѓаните добро е да се пренасочат во собирање пари, наместо материјални добра, бидејќи царинските ограничувања не овозможуваат дотур на таква хуманитарна помош. Собраните пари по завршување на кампањата ќе бидат префрлени на Турската Црвена полумесечина и на Сириската Арапска Црвена полумесечина кои знаат како на најдобар начин може да се покријат хуманитарните потреби на нивните сограѓани – рече генералниот секретар на Црвениот крст на РСМ д-р Саит Саити.
Амбасадорот на Република Турција во Скопје Хасан Мехмет Секизќок денеска на прес конференција изрази голема благодарност до сите граѓани на Македонија за несебичната хуманоста и солидарноста кои ја покажуваат.
Владата на денешната седница одлучи да испрати дополнителна помош во Република Турција во опрема и во луѓе.
На предлог на Министерството за одбрана ќе се испратат нови 36 припадници на Армијата на Република Северна Македонија од Батаљонот за специјални операции, за учество во хуманитарна операција во Република Турција.
Ќе се испратат нови 32 лица од Дирекцијата за заштита и спасување – припадници на републичките сили за заштита и спасување, за учество во давањето помош на Република Турција во санирањето на последиците од земјотресот.
Се испраќа и комплетна специјализирана опрема и материјално- технички средства за пребарување и спасување од урнатини, 10 возила за транспорт на опремата и на луѓето.