Процедурата за префрлање на средствата од заемот од унгарската Експорт-импорт банка е завршена и денеска се очекува да легнат на сметката на Народната банка, а веќе утре да се трансферираат во Буџетот, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
– Секторот од МФ ме информираше дека сѐ е подготвено и очекувам средствата да бидат префрлени на сметката во Народната банка, а потоа ќе бидат насочени кон општините и компаниите. Проектите на општините кои ќе бидат финансирани од средствата се веќе избрани. Износот што го побараа општините за реализација на нивните проекти беше поголем, при што важно беше тие да бидат во завршна фаза за да може да придонесат и кон економскиот развој – рече Димитриеска-Кочоска во гостувањето на ТВ Алфа.
Во однос на оној дел од заемот којшто е планиран за приватните компании, таа соопшти дека утре ќе има средба со Македонската банкарска асоцијација на која ќе се разговара за распределба на средствата кон компаниите, кои ќе бидат распределени по завршување на постапката за нивно префрлање во Развојната банка.
Министерката најави дека веќе е започната процедурата за повлекување и на втората транша од заемот од Унгарија, а тие средства ќе се искористат за отплата на еврообврзницата која доспева во јануaри 2025 година.
Во интервјуто таа се осврна и на Предлог-буџетот за 2025 година, истакнувајќи дека фокусот ќе биде ставен на фискалната консолидација, поточно зголемување на приходите и намалување на расходите. Следната година, како што посочи, буџетскиот дефицит е планиран на 4%, а потоа да се намали на 3,5% и во 2027 година да достигне 3%.
Димитриеска-Кочоска посочи дека она што беше главна определба или ветување на Владата е предвидено со Буџетот за 2025 година, а тоа е пораст на пензиите за 2.500 денари, средства за образовниот сектор, потоа 250 милиони евра за проекти во општините, средства за инфраструктурни проекти, за коридорите 8 и 10д и сл.
Димитриеска-Кочоска се осврна и на резултатите од работењето на Управата за јавни приходи и на Царинската управа и притоа напомена дека повратот на ДДВ кон компаниите се врши континуирано, па така во септември е извршен поврат во износ од 2,250 милијарди денари, во август 2,116 милијарди денари и во јули 1,740 милијарди денари.
Владата соопшти дека одлучила оваа година да бидат финансирани вкупно 274 проекти во 77 општини, со вкупна вредност од нешто над 4 милијарди денари или околу 65 милиони евра. Овие средства се обезбедени од земениот унгарски кредит.
Во ресорните министерства, фазата на евалуација не ја поминаа само четири општини: Струмица, Град Скопје, Теарце и Сарај, велат од „Илинденска бр.2“.
„Владата изрази благодарност на општините за максималната посветеност и ангажираност, што само ја докажува нивната способност и волја за инфраструктурен напредок, за што, во изминативе години немале можност поради ограничените финансиски средства. Почнувајќи од оваа година и во наредните години, на општините им се отвара нова можност да ги реализираат приоритетните проекти, да ги подобрат основните услови за живеење за граѓаните, да можат општините да се развиваат побрзо и да се создаваат нови можности за граѓаните“, пишува во владиното соопштение.
Вкупно 80 општини со 357 проекти аплицирале на јавниот повик за финансирање капитални инфраструктурни проекти. Меѓу апликантите беше и Град Скопје со 20 проекти, вклучително и за набавка на 95 нови автобуси за јавниот превоз, откако градоначалничката Данела Арсовска не успеа да го убеди Советот да и даде поддршка.
За дел од општините клучна ќе биде изградба и обнова на болници, модернизација на училиштата, патната инфраструктура.
Во буџетот за оваа намена се предвидени 250 милиони евра, обезбедени со ребалансот.