Владата ја продолжи забраната за извоз на одделни житарици и сончогледово масло до 15 мај 2022 година и гои укина царината за увоз на масло за јадење од сончоглед.
Како што информира министерот за економија Крешник Бектеши, во наредните 30 дена до 15 мај 2022 година ќе биде забранет извоз на: пченица и наполица, јачмен, пченка, брашно од пченица и наполица, семе од сончоглед-вклучувајки кршено или дробено, масла од семе од сончоглед, шафраника или мапуково семе и нивни фракции, пречистени или непречистени, но хемиски немодификувани, од сончоглед.
Владата на денешната седница донесе одлука за укинување на увозната давачка-царинска стапка за увоз на масло од сончоглед за јадење до 31 мај 2022 година.
– Потребата за продолжување на рокот за забрана за извоз за следни 30 дена односно по 15 април 2022 година до 15 мај 2022 година, како и да се укине царинската стапка за увоз на масло од сончоглед за јадење до 31 мај 2022 година е да се задржи тековната состојба на домашниот пазар од можноста на сериозни пореметувања поради недостаток на стоки, неопходно потребни за производството, преработката и за животот и здравјето на граѓаните, до новата реколта, како и дополнителен стимул за одржување на снабдување на домашниот пазар од растот на цените- информнира Бектеши.
Целта на овие мерки е заштита на домашниот пазар и граѓаните во време на криза за да се избегнат шпекулативни дејствија на трговците и производителите и за заштита на домашното производство, домашниот пазар и граѓаните.