– Владата одлучи да престане да важи претходната одлука, а тоа значи дека ние се враќаме таму каде што бевме, не носиме ниту позитивна, ниту негативна одлука. Министерството за економија инсистира да се донесе некаква одлука, а што е подобро за интерес на граѓаните ќе покажат времето и аргументите – изјави Бектеши на денешната прес конференција.
Владата на 27 јуни гласаше двете концесии да бидат споени – едната концесија за експлоатација на бакар и злато на локалитетот „с. Иловица“ во општина Босилово, а другата исто така на локалитетот „Иловица“, но која зафаќа дел и во општина Ново Село.
– Вчера не беше одбиена одлуката за спојување на концесиите, туку се донесе одлука со која престанува да важи претходната одлука за спојување на концесиите. Всушност, не сме им земале некакво право на концесионерите, ниту сме им ја зеле концесијата или сме им го одбиле барањето, ние само сме се вратиле чекор назад. Тоа го кажав и вчера и пред еден месец. Јас ќе ја почитувам секоја владина одлука, тоа ми е и обврска, но е и моја должност како претставник на Министерството за економија да укажам на можни последици од носење или неносење одлуки – рече тој.
Според Бектеши, одлуката за враќање на концесијата е конечна, а за барањето за спојување на концесиите од 2016 година му е наложено на Министерството за економија да постапи согласно управната постапка.
Тој најави дека кога ќе се бара дозвола за експлоатација за втората концесија, Министерството за економија ќе ја донесе истата одлука како за првата концесија, а тоа е одбивање со решение на барањето за дозвола на експлоатација поради некомплетна документација што следствено ќе значи предлог-одлука за едностран раскин на договор.
– Вчера на владината седница имавме повеќечасовна дискусија, изнесени беа различни ставови. Едногласно беше донесена Одлуката за прекинување на важноста на претходната одлука за спојување на концесиите, но јас апстинирав зашто не можам како претставник на Министерството за економија да гласам спротивно на тоа што и вчера и пред еден месец беше презентирано и орбазложено од страна на Министерството за економија. Јас ќе ја почитувам владината Одлука, но мора да потенцирам дека моја должност како министер за економија е да се запазат правно-формалните процедури. Треба да ги заштитиме целосно граѓанинот и државниот интерес и да не одолговлекуваме со неносењето одлуки. Сега, практично се враќаме назад, роковите се враќаат од почеток. Веќе сме одзеле една концесија во 2019 година за некомплетна документација по барањето дозвола за експлатација. За жал, таа одлука е одбиена од страна на судот. Министерството за економија ќе го донесе истото ова решение и за втората концесија, но дали тоа ќе го реши проблемот? Ние не сме убедени дека ќе го реши. Со престанокот на важење на претходната одлука, формално-правно се враќаме таму каде што бевме, не носиме ни негативна, ни позитивна одлука – објасни Бектеши.
Тој уште еднаш потенцира дека институциите не треба да молчат, туку треба да донесат конкретни акти за да не му остават простор на концесионерот да се повика на неносење одлуки.
– Ние треба да постапиме согласно претходни управни постапки и барања и не да молчиме како институции, туку да донесеме конкретни акти, да не оставаме простор да се повикаат на неносење одлуки. Тоа е ставот на Министерството за економија, јасен и прецизен и повеќе сме од убедени дека е точен и вистински. Оваа нова владина одлука само ја враќа ситуацијата во статус-кво и ја изложува Северна Македонија на потенцијална арбитражна постапка, која може македонските граѓани да ги чини многу. По 5, 6 или 10 години, моите и вашите деца и на сите граѓани од денешните одлуки може да патат и да плаќаат милионски суми за административни-технички пропусти – рече Бектеши.
Нашите очекувања, како што рече, се дека оваа одлука ќе се спори од страна на концесионерот, што е нивно право.
– Како институција ќе направиме максимум за да ја браниме оваа одлука. Иако морам да бидам многу транспарентен со јавноста. Имајќи ги предвид аргументите кои ги презентирав тука и можна правна разврска во иднина, ние како Министерство за економија вчера апстиниравме од оваа одлука на Владата. Но, ние не излегуваме во јавност да кажеме дека нема да ја почитуваме оваа одлука, затоа што не сме убедени во неа. Ние ќе направиме се што е во наша надлежност да ја браниме оваа одлука. Но, сите правници, во Министерството и надворешни адвокатски куќи велат дека ова не ја менува суштината. И после оваа одлука, концесионерот „Еуромакс“ има сопственост на двете концесии. И после оваа одлука ќе има право да го повтори барањето за спојување на концесиите – подвлече Бектеши.
Како што нагласи министерот, ревидираната одлука на Владата, која претходно ги спои концесиите за рудникот за бакар Иловица – Штука, може да предизвика сериозни импликации врз буџетот на државата и да ги задолжи граѓаните за дополнителни милијарда евра доколку компанијата „Еуромакс ресоурсес“ реши да оди на арбитража.
Од компанијата претходно истакнаа дека секое непочитување на законските процедури ќе ги принуди да покренат меѓународна арбитража против државата, а евентуалната штета би можела да изнесува најмалку една милијарда евра, без да се вклучат каматите во оваа сума.
Министерот за економија потврди дека Владата мора да одлучи по барањето на инвеститорот за спојување на концесиите, а процесот е во согласност со Законот за минерални суровини.
Седма година од поднесувањето на барањето за спојување на концесиите, Владата не носи ниту позитивна ниту негативна одлука, а роковите за одговор се одамна истечени. Неодамна од компанијата „Еуромакс ресоурсес“ најавија дека правдата би ја барале и пред меѓународните судови, доколку надлежните институции не постапат согласно последната одлука на Управниот суд и не се овозможи реализација на, како што велат од компанијата, најголемата инвестиција од независноста на државата.
Инвеститорот претходно информираше дека правната основа за евентуално покренување спор пред меѓународните судови, е билатералната спогодба за заштита на инвестиции меѓу Македонија и Швајцарија, потпишана уште во 1996 година. Оттаму појаснија дека нивен мнозински акционер е Групацијата Трафигура, која како правно лице подлежи на правото на заштита во согласност со наведената билатерална спогодба.
Против Македонија во моментов се активни три меѓународни арбитражи кои се однесуваат на рударски проекти. Доколку и оваа компанија ја оствари најавата за покренување меѓународна арбитража, на државата ѝ се заканува отштета во износ од над две милијарди евра. Оваа сума е безмалку половина од актуелниот годишен буџет, кој изнесува 5,3 милијарди евра. Ревизорите веќе порачаа да се обрне внимание поради импликациите врз буџетот од страна на судските пресуди во меѓународна арбитража. Според математиките, ако државата ги загуби споровите секој македонски државјанин ќе биде задолжен за скоро 2000 евра.
Со одолговлекувањето на проектот, но и со неизвесниот исход од целиот процес, државата веќе загуби сериозен прилив во буџетот. Неколку стотици милиони евра приходи не се слеани во Буџетот само по основ на ненаплатени надоместоци за концесијата и по основ на даноци кои инвеститорот ќе имал обврска да ги исплати ако почнела изградбата на рудникот.
Најавувајќи го проектот, од „Еуромакс ресоурсес“ информираа дека почетната инвестиција тежи 340 милиони евра, а од нив околу 180 милиони евра се предвидени само за првите две години од почетната фаза за изградбата на рудникот. Овие средства, дополнија од компанијата, би претставувале дополнителен економски стимул во државниот буџет, бидејќи според проекциите, редовната работа на рудникот ќе придонесе за зголемување на БДП за 3% на годишно ниво. Во текот на работата на рудникот пак, годишно би се плаќале 24 милиони евра за даноци. Прогнозите покажуваат и дека нешто над три милиони евра годишно ќе се влеваат директно во буџетите на општините. Оваа бројка го удвојува општинскиот буџет доколку се земе предвид дека на пример буџетот за Општина Босилово за 2023 година е околу 2,7 милиони евра.
Според плановите за изградба, а потоа и за работа на рудникот, инвеститорот предвидел само во текот на изградбата да се вработат 1.000 лица, а по отворањето за работа во рудникот 500 директни вработувања, со предност ќе има локалното население. Дополнително, рудникот би овозоможил трипати повеќе индиректни вработувања кај локалните добавувачи и изведувачи, односно 2.700 индиректни вработувања.
Последната одлука на Владата да ја поништи одлуката за спојување на концесиите на рудникот, го врати повторно целиот проект на инвеститорот еден чекор назад.