На денешната владина седница донесена е измена на Одлуката за определување на добрата и услугите кои подлежат на повластена стапка на данокот на додадена вредност, а која беше усвоена на 28 септември 2023 година со која се допрецизираат неколку тарифни броеви кои во пракса создадоа дилема во примената на повластената стапка од 5%, поради поголемиот број на производи по ист тарифен број, соопшти Министерството за финансии.
Со оваа измена, урдата, замрзнатото тесто, црвениот бибер и црвениот пипер, бебешките каши, адаптирано млеко за доенчиња, додатоци за исхрана за опаднат имунитет, хербалните чаеви, наполитанките и вафлите, растителниот кашкавал, останати одредени видови кашкавали, лутеница и конзервирано цвекло и феферони, се производи коишто ќе се оданочуваат со повластена стапка на ДДВ од 5%.
Измените кои Владата ги усвои на денешната седница ќе се применуваат од 13. октомври годинава.
„Процесот на утврдување на оваа одлука се водеше низ транспарентен и инклузивен процес и беше споделена листата со производи кои ќе се оданочуваат со повластена стапка на ДДВ пред 9 месеци, уште во јануари со бизнис заедницата, преку стопанските комори за тие да можат да достават свои предлози. Одлуката се донесе на седница на Владата на 28 септември и стапи во сила на 2 октомври кога започна со примена, но поради утврдените недоследности во примената кај дел од производите се укажа потреба од измена на Одлуката која беше направена во најкус можен рок“ – информира Министерството за финансии.
Во соопштението се нагласува дека Македонија останува со најниски даночни стапки на ДДВ (редовни и повластени) и целата човечка исхрана се оданочува со повластена стапка на ДДВ, а најголем дел од неа се оданочуваат со најниска повластена стапка од 5%. Примената на најниската повластена стапка на ДДВ во земјава се однесува на повеќе од 1.650 прехранбени производи, а дополнително повластена стапка имаат и други околу 950 прехранбени производи.
Министерството потсетува дека одлуките за примена на повластена стапка на ДДВ произлегоа од измените на Законот за данок на додадена вредност и се донесени со цел да се заштити стандардот на граѓаните, како и заштита на здравјето на граѓаните и оданочување со праведна даночна стапка на прехранбените производи.
„Дополнително со усвоените законски измени и дополнувања на Законот за данокот на додадена вредност се извршија и останати усогласувања со Директивата на ЕУ за ДДВ“ – се вели во соопштението од Одделението за односи со јавност при Министерството за финансии.