Владата, на верашната седница, утврди текст на нов Предлог на закон за средно образование со кој меѓудругото се воведува стручна матура, завршен испит, уметничка матура, како и приемни испити на факултетите. Владата утврди текст и на нов Предлог на закон за стручно образование и обука.
Посебна новина којашто се воведува е воведувањето стручна матура и влезен академски испит. По завршувањето на последната година на гимназиското образование, како што е предвидено, учениците полагаат државна матура, или училишна матура. По завршувањето на последната година во Меѓународна програма за средно образование (ИБ програма) учениците полагаат меѓународна матура и/или државна матура. По завршувањето на последната година на стручното образование со четиригодишно траење, учениците полагаат стручна матура. По завршувањето на последната година на стручното образование со двогодишно, односно со тригодишно траење, учениците полагаат завршен испит.
По завршувањето на последната година во средното уметничко образование, учениците полагаат уметничка матура. Концепцијата за испити на крајот на средното образование, ја изготвува Државниот испитен центар, а на предлог на Државниот матурско-академски одбор, ја утврдува министерот.
Влезен академски испит за запишување во високото образование полагаат ученици кои сакаат да го продолжат образованието на високообразовните установи, а исполнуваат најмалку еден од условите: се запишани на четврта година од средно стручно образование или средно уметничко образование; завршиле средно стручно четиригодишно образование и положиле стручна матура; завршиле средно уметничко образование и положиле уметничка матура или имаат решение за признавање на диплома за завршено средно образование во странство, којашто е еквивалентна на завршено средно стручно четиригодишно образование или средно уметничко образование во земјава.
Новина има и во поглавјето „Права и обврски на учениците и ученичко организирање и учество”. Секој вработен во училиштето, според предвиденото, е должен да се грижи за најдобриот интерес на ученикот и да го почитува неговото достоинството, како и неговите права согласно Конвенцијата за правата на детето. Забрането е телесно, психичко и сексуално малтретирање и казнување на ученикот и понижувачко однесување и постапување кон него. Во средните училишта, учениците слободно се организираат во класни заедници и ученички совет. Учениците имаат право на слободно организирање во ученички совет на локално и регионално ниво, Сојуз на средношколци на национално ниво, или во други облици во согласност со други закони и подзаконски акти. Во работата на училишниот одбор, стручните органи и тела на училиштето и во Советот на родители, учествуваат претставници на учениците избрани од страна на ученичкиот совет.
Владата утврди текст и на нов Предлог на закон за стручно образование и обука.
Законот за стручно образование и обука којшто во моментот се применува е донесен во 2006 година, а реформата на стручното образование и обука, според предлагачот, Министерството за образование, е тесно поврзана со промените на пазарот на трудот и потребата за модел на стручно образование и обука насочен кон создавање човечки ресуси за потребите на пазарот на трудот, преку вработување или самовработување.
Донесувањето нов Закон за стручно образование и обука е во согласност со Стратегијата за образование 2018-2025 година.
Владата, на предлог на Министерството за труд и социјална политика, ја разгледа и усвои и Националната стратегија за ментално здравје на млади 2024 – 2026 година.
Целта е придонес во унапредувањето на менталното здравје на младите, пришто добросостојбата на младите ќе биде активен двигател на општествениот развој.
Стратегијата се води од Агендата 2030 и општите принципи на Целите за одржлив развој на ОН.
Владата, на предлог на Министерството за труд и социјална политика, ја разгледа Информацијата за усвојување Стратегија за човечки капитал на Република Северна Македонија 2024 – 2030 година и ја усвои предложената Стратегија.
Целта на Стратегијата е да помогне во подобрувањето на резултатите од човечкиот капитал во државата. Притоа, во фокус на Стратегијата се три клучни и меѓусебно поврзани подрачја: образованието, здравството и социјалната заштита, со цел зајакување и подобрување на човечкиот капитал, за инклузивен развој.
Во однос на временската рамка, Стратегијата има за цел да обезбеди патоказ за агендата за човечки капитал до 2030 година.