Се укинува прогресивното оданочување кај данокот на доход кој и натаму ќе има една даночна стапка од 10 отсто. Исто така остануваат досегашните стапки на ДДВ-то од 18 отсто и на данокот на добивка од 10 отсто. Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за финансии Фатмир Бесими на прес-конференција денеска ја презентираа нацрт новата даночна реформа. Во нив е предвидено да не се оданочуваат каматите на депозитите и штедните влогови до влезот на земјава во ЕУ, но доброволно ќе се оданочува хонорарната работа и фриленсерите.
Ковачевски рече дека во основа на новиот даночен систем е праведноста, но дека таа треба да придонесе за намалување на даночната евазија и сивата економија.
– Овој нов концепт значи ревидирање на даночните ослободувања, проширување на даночната основа и крајно сузбивање на неформалната економија. Со ова, резултатот од новиот концепт ќе биде одржливи и повисоки стапки на економски раст, но и транспаретно управување со јавните финансии што е особено важен услов во оваа најголема економска криза – рече Ковачевски
Целиот концепт ќе се реализира преку измени на законските решенија кои опфаќаат 4 групи закони.
– Од следната година нема да се применува прогресивното оданочување на доходот, што е одговор на бизнис заедницата и на граѓаните. Втората група треба да спречи злоупотреби при даночно ослободување и ќе ја намали даночната евазија. Тој предвидува петкратно повисоки казни за оние кои ќе го прекршат законот. Третата група предвидува законски измени за хонорарците. Доколку тие сакаат, самите ќе можат да изберат пензиско и здравствено осигурување на доброволна основа. На таа платформа ќе можат да се регистрираат и фриленсерите. Четвртата група се однесува на измена на законите и стапките на даноците за инвалидите и подобрување на положбата на жените. Стапката на ДДВ, на пример, ќе се намали за производите од групата „менструална хигиена“ – рече Ковачевски.
Ковачевски рече дека е планирано да се оданочат и компаниите кои профитирале од енергетската криза, но како тоа ќе изгледа дополнително ќе се утврдува.
Министерот Бесими рече дека новите даночни реформи предвидуваат проширување на даночната база преку намалување на сивата економија и намалување на даночните ослободувања, но не ги зголемува стапките на актуелните даноци.
Според Бесими, дел од даночните ослободувања ја надминале потребата од нив и затоа се намалуваат.
– Во контекст на фискалната консолидација овие даночни реформи се дел од приходната страна на буџетот на државата. Даночните реформи се донесоа преку расправите на кои се прифатени делови од она што се дискутираше во нив – рече Бесими.
Бесими рече дека во системот на даночни ослободувања остануваат дел од оние кои се од исклучитлено значење како она за реинвестирана добивка и донациите за спортот.
Министерот за финансии појасни дека прехранбените производи остануваат со стапка на ДДВ од 5 отсто, но одделни производи кои се сметаат за луксуц ќе имаат 10 отсто стапка на ДДВ.
Бесими рече дека се размислува за воведување еден или два викенди без ДДВ, но само за прехранбените производи, а ќе го користат само ислкучиво сирамшните граѓани. Овој концепт заедно со оданочувањето на суперпрофитите дополнително ќе се доработува.