Претседателката на Косово, Вјоса Османи, раскажа како поминала вчерашната средба со српскиот претседател Александар Вучиќ во Молдавија.
Таа тврди дека средбата имала информативен карактер и дека не се работело за преговори, а се одржала на барање на францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц.
На средбата, освен Макрон и Шолц, присуствувал и Жозеп Борел, високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, а Османи рекла дека од Косово се бараат нови избори на север, пренесува Аваз.
– Не планирав да се сретнам со Вучиќ. Се разбира, дијалогот меѓу Косово и Србија е во тек во Брисел. Состанокот се случи на инсистирање на европските лидери. Се разбира, како претседател на Косово, сакав да ја покажам конструктивноста што е доблест на нашиот народ и волјата да разговарам со сите. Не е првпат да се сретнам со Вучиќ на ваква средба. Но, морам да кажам дека оваа средба, која се одржа на инсистирање на претседателот Макрон и канцеларот Шолц, не беше преговарање, туку средба на која разменивме мислења. Вучиќ се жалеше и негодуваше и секако не ја кажуваше вистината – изјави Османи.
Таа рекла дека ситуацијата на северот на Косово и натаму е главна тема на нејзините средби со европските лидери.
– Имав трилатерална средба со претседателот Макрон и канцеларот Шолц. Борел се приклучи на состанокот и детално разговаравме за предизвиците со кои се соочуваме и кои се некои од опциите што можат да нѐ натераат да одиме напред. Во овој момент клучно е Србија да престане да ги поддржува криминалните групи кои предизвикуваат најголем дел од проблемите во северниот и поширокиот регион. Ова е предуслов за деескалација на ситуацијата. И второ, целосно спроведување на договорот постигнат во Охрид, бидејќи Вучиќ повеќепати кажа дека нема таква намера. Тој го прекршил најмалку осум пати и затоа е клучно да има јасна порака од ЕУ – заклучи косовската претседателка.