Многу хотели и ресторани во Германија бараат работници, а се чини дека локалната работна сила не е заинтересирана за ваков вид работа. Помош би можела да дојде и од странство, доколку администрацијата не беше толку бавна со издавањето визи.
Германците повеќе не сакаат да работат во угостителството – вели Мук Рерл, сопственик на семеен ресторан кој е отворен во далечната 1658 година и се рекламира како „најстариот ресторан во светот“. Затоа, Рерл барал работници во странство и на крајот ги нашол. И тоа во Африка.
Осум месеци чекање за виза
Но, патот беше трнлив. Планот бил тројца млади Камерунци да почнат со работа во септември минатата година. Иако барањето било доставено до германската дипломатска мисија уште во јуни, визите пристигнале дури во септември годинава.
– Се разбира, кога работите одат вака, не можете да планирате – вели Рерл. Ова не е проблем само за него како претприемач.
Во меѓувреме, сопственикот на апартаните во кои требало да бидат сместени работниците се заканил дека ќе ги изнајми на друг. И на крајот на краиштата, неколкумесечните доцнења, како во овој случај, повлекуваат и организациски проблеми во стручното училиште.
Ова не е изолиран случај. Иако потребите за персонал во хотелиерството и угостителството можат да ги задоволат многу кандидати од други земји, тешко е да се усогласат понудата и побарувачката.
– Многу важна спорна точка е прашањето за визите – вели Сандра Варден, директорка на Германската асоцијација на хотели и ресторани (ДЕХОГА).
Лотарија за визи
Во некои балкански земји, на пример, бројот на барања за визи во некои случаи е 150 пати поголем од бројот на термини што ги нудат дипломатските претставништва. На Балканот има десетици, можеби и стотици илјади луѓе кои веќе нашле работодавач во Германија кој би ги прифатил, но не можат да аплицираат за виза затоа што едноставно не можат да дојдат на ред.
Поради големиот број барања, германската амбасада во Приштина сега дури и соработува со приватна компанија во обработката на податоците. Поради големиот број барања, таму од декември дури се применува и метод на лотарија: кој е извлечен, добива термин. Оние кои немаат среќа остануваат без виза во пасошот.
Побарувачката за визи во Западен Балкан е особено голема поради правилата кои од 2016 година им дозволуваат на оние кои немаат квалификации да емигрираат во Германија. Единствениот услов е договор за вработување.
– Овде се работи за особено еклатантни примери – вели Варден. „Но, има и други делови од светот каде што се јавува проблемот. На пример, во Индија, Кина и Југоисточна Азија. Во основа, забележлива е шема која се повторува: дипломатските мисии не се гледаат себеси како тела надлежни за култура на добредојде и небирократско издавање визи. „Често преовладува негативен став: „О Боже, сите сакаат да одат во Германија?!“
Веројатно и летово многу работни места ќе останат непополнети
Недостигот на кадар во хотелиерството и угостителството не е нова појава, но состојбата драстично се влоши за време на пандемијата на коронавирусот, особено во угостителството. Минатата година недостигот на кадар изнесуваше 11,8 отсто, се вели во соопштението што неодамна го објави Федералната агенција за статистика.
– Условите за работа се тешки, а многу работни места во индустријата се „ментално и физички исцрпувачки“ – вели Варден. Но, од друга страна, лани платите во некои случаи пораснале и за над 10 проценти. И покрај ова, се очекува летово многу работни места да останат непополнети. Научниците и квалификуваните работници од странство би можеле да го решат тој проблем. Само да не беше толку комплицирано.
Во Министерството за надворешни работи се свесни за овие проблеми. „Веќе го решивме проблемот со делумно долго чекање и долготрајното процесирање на барањата за виза за квалификувани работници и за вработување“, се вели во одговорот на нашето прашање. „Во последните неколку месеци направивме акциски план за забрзување на визниот режим, во кој ги дефиниравме мерките неопходни за подобрување на ситуацијата“.
Тоа што МНР може да го спроведе во рамките на својата надлежност се решава директно. Тоа на пример вклучува дигитализација на процесот за аплицирање. МНР посочува и на новиот закон за имиграција на квалификувани работници, кој во моментов е во собраниска процедура. Партиите од владејачката коалиција, Социјалдемократите, Либералите и Зелените во коалицискиот договор веќе се изјаснија: „Сакаме да го забрзаме издавањето на визите и да го дигитализираме процесот на издавање“.
Не се работи само за забрзување на процесот
За угостителот Мук Рерл од Ајлсбрун, сепак, не се работи само за брзина, туку и за транспарентност. Едноставно недостасуваат веродостојни информации за очекуваното времетраење на визниот процес. Амбасадите се недостапни, а на прашањата преку електронска пошта нема одговор.
– Не се работи само за фактот дека работите мора да одат побрзо. Мора да се создаде ситуација во која ќе може да се планира. Ако знам дека ќе трае половина година, тогаш можам да се подготвам за тоа – вели Рерл.
Извор: Дојче веле